Предлогот за МВР, Драган Ковачки бил опфатен со незаконските унапредувања на Иванов

од Aleksandar Todeski
463 прегледи

Полковникот Драган Ковачки кој лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски им го предложил на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети како нов министер за внатрешни работи во техничката влада е еден од петмината унапредени во Армијата кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги потпиша, а ги оспори Државната комисија за спречување на корупција, бидејќи беа потпишани по распишување на претседателските избори.

Унапредувањата на Ковачки од полковник во командант на Првата механизирана пешадиска бригада, но и на Мирче Ѓорговски, Маријо Јуришиќ, Васко Ѓурчиновски и Бесник Емини беа поништени од актуелниот претседател Стево Пендаровски по одлуката на Антикорупциската комисија, откако неколку месеци ја вршеа функцијата која ја одбија со унапредувањато.

Инаку Ковачки има богата биографија во Армијата. Тој има завршено повеќе курсеви, а бил и на неколку усовршувања. Учествувал во мисии во Авганистан и во Ирак како припадник на АРМ и бил раководител на Воената служба за безбедност и разузнавање.

Сепак, неговото назначување на чело на Министерството за внатрешни работи би било незаконско, бидејќи Членот 97 од Уставот предвидува со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата да раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.

Премиерот Зоран Заев по средбата со Христијан Мицкоски рече дека ќе остави простор за дебата и консултација со експертите, но и дека се надева дека со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе постигнат договор пред 3. јануари, кога треба да биде избрана техничката влада.

Александар Тодески

Слични содржини