Коби Брајант ќе биде примен во Салата на славните на Националната кошаркарска асоцијација во Спрингфилд, Масачусетс, уште оваа година, според новинарот Шамс Чаранија од „Атлетик“, повикувајќи се на претседателот на Бордот на управителите на „салата“ – Џери Коланџело.
– Коби ќе биде примен уште при првото гласање. Очекувам ова да биде најлегендарната година за Салата на славните, бидејќи во оваа класа се наоѓаат Тим Данкан и Кевин Гарнет. Коби ќе биде почестен онака како што заслужува, вели Коланџело.
Коби Брајант почина вчера во хеликоптерска несреќа во предградието на Лос Анџелес со својата 13-годишна ќерка и седум други. Имаше 41 година.
На крајот на 2019 година Брајант беше номиниран за место во Салата на славните во 2020 година. Покрај имињата на Данкан и Гарнет, на списокот се наоѓаат и Крис Бош, Шон Мерион, Мајкл Финли, Марк Итан, Бак Вилијамс, Тони Кукоч, Беки Хамон, Свин Кеш и Тамика Качингс.
Имињата на финалистите за место во Салата на славните ќе бидат објавени на 14-ти февруари за време на „Ол-стар“ викендот, а кој од нив ќе добие место во пантеонот на кошаркарското величие ќе стане јасно во почетокот на април.
Церемонијата е закажана за 29 август 2020 година.