Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата утре ќе се изјасни дали ќе гласа за Законот за Јавно обвинителство, откако изминуваат и последните денови пред распуштање на Собранието.
Според извори на „Локално“, дел од независната осумка дала зелено светло за Законот, откако биле прифатени забелешките кои ги дале пратениците, но помал дел од нив се уште се мислат дали и како ќе се изјаснат за предложеното законско решение.
„Локално“ веќе објави дека утре или во понеделник Законот за Јавно обвинителство ќе биде доставен до собраниските служби, по што ќе оди на гласање пред да се распушти Законодавниот дом.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска изјави дека се уште е оптимист дека Законот ќе го изгласаат 80 пратеници пред да бидат распишани изборите.
„Разговарав со пратеничките групи. Прилично сме блиску, останува целото решение да го добијат како е вградено, да видат и да кажат дали ќе се согласат. Апелирам до сите, од ВМРО-ДПМНЕ дигнав раце, но апелирам и до нив, имаме квалитетно законско решение, внатре има фер и еднаков третман за сите. Ако тоа го направиме денес или утре, верувам премиерот Спасовски е подготвен, на барање на министерката за правда Рената Дескоска, да го стави на Влада, да го усвојат и понеделник рано од сабајле Парламентот да ги искористи трите дена како што е предвидено за законите со европско знаменце“, рече Заев.
Од друга страна пак, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ децидно кажа дека нивната пратеничка група нема да го гласа овој прелод-закон, додавајќи дека според него, Законот за Јавно обвинителство треба да го подготват експертите кои учествувале на Јавната расправа во Собранието.
„Ова што денеска ни се предлага не е добар Закон. Не гледам што е чудно и надвор од принципите да експертите кој беа дел од собраниската Јавна расправа седнат и без разлика дали овој или наредниот парламентарен состав да ги изгласа. Безусловно ви велам дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тој Закон ќе го поддржи, експертите кои учествуваа во Јавната дебата. Колку повеќе губиме време во создавање на мнозинства, толку повеќе ги разочаруваме граѓаните. Се чувствува дека граѓанинот не е суверен за својот глас“, рече Мицкоски.
А.Т.