Во Италија изолирани 11 села поради коронавирусот, во Кина заразени речиси 77 илјади лица

од Ивана Рамаданова
220 прегледи

Единаесет населени места, од кои повеќето во северниот град Ломбардија се изолирани согласно мерките што ги презеде италијанската Влада, по вонредната средба поради епидемијата на новиот коронавирус, јави ДПА.

Ниту влегување, ниту излегување од области за кои се смета дека се места од каде се шири заразата  не се дозволени без посебна дозвола. Сите јавни собири, спортски настани и други настани се забранети за една недела.

Училиштата и градинките, спортските објекти и продавниците се затворени. Јавниот превоз е запрен. Тие мерки влијаат врз повеќе од 50.000 жители.

Две лица веќе починаа од новиот коронавирус во Италија, а бројот на заразени во земјата достигна 79.

Во Кина, пак земјата од каде се прошири вирусот, бројот на заразени зголеми на 76.936, откако се пријавени 648 нови случаи, додека бројот на жртви достигна 2.442, соопшти Националната здравствена комисија.

Во Хубеи, епицентарот на епидемијата, бројот на новозаболени во саботата се зголеми на 630. Тоа е значително зголемување од претходниот ден, кога беа пријавени 366 нови случаи на коронавирусот во Хубеи.

Бројот на жртви исто така се зголеми, достигнувајќи 2.346 до крајот на вчерашниот ден, што претставува зголемување за 96 од претходниот ден.

Во меѓувреме Јужна Кореја одлучи да го подигне нивото на опасност од новиот коронавирус на највисок степен. Тоа го најави претседателот Мун Џае Ин, откако во таа држава беа регистрирани повеќе од 100 нови случаи на заболени од Ковид-19.

Мун рече дека владата ќе го зајакне целокупниот одговор на вонредни состојби како дел од прогласување на „црвен“ степен на предупредување и дека локалните власти треба да преземат „исклучителони, моќни“ мерки за да спречат ширење на Ковид-19, јави Јонхап.

Јужна Кореја објави 123 нови случаи на коронавирус и два нови смртни случаи, со што вкупните потврдени инфекции се 556 и бројот на починати е четири, според јужнокорејскиот Центар за контрола и спречување болести.

Државјанинот на Северна Македонија, кој е хоспитализиран откако се зарази со коронавирус на крузерот во пристаништето во јапонскиот град Јокохама, е во добра здравствена состојба.

По тринеделниот третман, како што изјави во петокот  епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, тој ќе биде пуштен.

„Дваесет и пет отсто од луѓето кои биле инфицирани со вирусот на крузерот се пуштени дома. Франција, Германија и САД направија трансфер на патниците. Другите двајца наши државјани кои се на крузерот не се заразени, во добра здравствена состојба се и продолжуваат со својата работа со мерки за превентивна заштита. Тие работат во делот на подготвување и разнесување храна“, рече д-р Караџовски.

Во меѓувреме двајца кинески инженери, кои работат на автопатот Кичево-Охрид две недели ќе бидат во карантин во кичевското село Извор. Според првичните анализи двајцата Кинези по пристигнувањето на аеродромот во Скопје биле негативни на вирусот и на други респираторни заболувања, но сепак тие се ставени на 14-дневен надзор.

Според најавите првите тестирања на вакцината на коронавирусот треба да почнат во април

Слични содржини