Убиен поранешен припадник на ОВК, братот се сомнева во српската БИА

од Aleksandar Petrovski
351 прегледи

Поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Ќерим Кељменди пронајден е утрово запален во неговиот автомобил во селото Захаќ во општина Пеќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Медиумите известуваат дека Кељменди првин бил застрелан со неколку куршуми, а потоа запален заедно со неговиот авотмобил, додека полицијата го оквалификува случајот како „убиство“. Од полицијата наведуваат дека првично биле информирани оти во селото Захаќ гори автомобил, па дури подоцна, при гаснењето на огнот, се открило дека во него се наоѓа убиениот Кељменди.

– По добивањето на информацијата, единиците од полицикста станица во Пеќ отидоа на лице место каде забележаа возило кое е целосно зафатено од оган. Противпожарните единици пристигнаа на местото на настанот и целосно го изгасија огнот. Меѓутоа, во текот на гаснењето забележано е дека во автомобилот се наоѓа едно лице, се вели во полициското соопштение. На местото на настанот излегле надлежни истражни екипи, како и државен обвинител и медицинска екипа, која ја констатира смртта на жртвата.

Приштинските медиуми пренесуваат дека Ќерим Кељменди е еден од првите припадници на ОВК и брат на Ибрахим Кељменди, еден од водачите на предвоеното Народно движење на Косово, од кое, како што се наведува, произлезе и ОВК.

Во изјава за порталот „Газета експрес“, Ибрахим Кељменди, кој живее надвор од Косово, вели дека се соменва оти зад убиството на неговиот брат стојат „платени убијци или професионалци на Безбедносно-информативна агенција (БИА)“ на Србија.

– Се сомневам во платени убијци или професионалци на српската БИА, која се чини ја користи приликата создадена со дебатите и кавгите околу политичките убиства, за да го запали уште повеќе непријателството меѓу военото и пацифистичкото крило. Секогаш кога се вжештуваат кавгите и дебатите, БИА ја користи приликата да изврши убиства, со цел да го направи што понепријателски внатреалбанкиот амбиент, вели Ибрахим Кељменди. Изрази на сочувство за смртта на Ќерим Кељменди, меѓу другите, изразија претседателот на Косово Хашим Тачи и лидерот на Алиајнсата за иднината на Косово, екс-премиерот Рамуш Харадинај, обајцата водачи на поранешната ОВК.

Слични содржини