Максимум 30 гости на свадби и 100 лица на погреб се некои од најновите мерки за борба против ширењето на коронавирус кои стапија во сила во Чешка, која денес прогласи вонредна состојба на 30 дена.
Според официјалните податоци, во моментов има 116 потврдени случаи на инфекција со вирусот КОВИД-19 во земјата, јавуваат чешките медиуми.
Во пакетот нови мерки кои стапија во сила со прогласувањето вонредна состојба се ограничувањето на работното време на рестораните и кафулињата и целосно затворање на спортски сали, фитнес и трговски центри, галерии, клубови, библиотеки.
Чешките државјани кои доаѓаат од земји погодени од епидемијата на коронавирус се ставени во карантин, а на странците од 18 земји со висок ризик им е забранет влез, со исклучок на оние кои поседуваат дозвола за постојан или привремен престој.
Како и во многу други земји, Чесите исто така побрзаа да ги испразнат продавници. Сепак, интересно е што покрај најголемата продажба на прехранбени производи што не се расипуваат и лекови, чешките продавачи најмногу продаваат замрзнувачи, конзоли за игри и прочистувачи на воздухот. Интернет-продавниците што продаваат и испорачуваат храна, лекови и медицински материјали, исто така, бележат пораст на прометот, споредувајќи го со периодот пред божиќен шопинг, пренесува Радио Прага.