Премиерот Оливер Спасовски денеска на прес конференција информираше дека владата му предложила на Собранието да воведе вонредна состојба на територијата на целата држава, поради состојбата со коронавирусот.
Бидеќи собранието е распуштено, како што веќе објавивме, оваа можност загарантирана со Уставот, а со тоа и можноста за свикување на Собранието поради вонредната состојба, ќе ја искористи претседателот Стево Пендаровски.
Но, што значи вонредната состојба? Со Членот 125 и Членот 126 од Уставот, е предвидена оваа состојба во државата.
„Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.
Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.
Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане“, пишува во Член 125.
Членот 126 од Уставот пак, ја дава можноста Владата во согласност со Уставот и Закон да донесува уредби со законска сила.
„Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“, пишува во Уставот.
Уставот има предвидено и дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
„Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.
Во Уставот исто така е предвидено дека мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.
Премиерот Оливер Спасовски нагласи дека мерките и уредбите кои ќе ги реземаат ќе бидат во зависност од однесувањето на граѓаните и нивното почитување на се она што ќе биде донесено од страна на владата. Полициски час, рече тој, не мора да значи дека ќе има, но ако налага ситуацијата, можно е да се случи и тоа.
А.Т.