Шекеринска: Армијата ги презема границите, обезбедување на објекти и проверки заедно со полицијата

од Aleksandar Todeski
346 прегледи

Армијата ќе биде на првата линија на одбрана на здравјето на граѓаните, здравјето на најмилите, на семејствата и на државата. Армиските припадници ќе бидат присутни секаде каде што е потребно, вели вицепремиерката и министерка за одбрана, Рамила Шекеринска.

„Ја донесовме Уредбата со законска сила, која што на Армијата и дава обврска во услови на вонредна ситуација да биде целосно во функција на поддршка на различните државни органи, пред се на полицијата. Формиран е оперативен штаб помеѓу полицијата и Армијата“, рече Шекеринска.

Таа посочи дека Армијата добила три задачи, односно контрола врз границата, заеднички полициско-армиски екипи и обезбедување на витални објекти, како Собранието, Владата и затворите.

„Првата е целосно преземање на контролата на граничната линија од страна на граничната полиција, но тоа не значи дека војниците ќе ги контролираат граничните премини, но целата зелена линија ќе биде контролирана од припадниците на Армијата, со цел да се спречат нелегални влезови и излеи. Втората задача ќе биде заедничко учество во мобилни екипи полиција-Армија, кои ќе спроведуваат проверка на влезови и излези од населени места, особено од делот на кризните подрачја, но и мобилни пунктови и контролни точки. Заеднички полициско-армиски ќе спроведуваат контрола на пчитувањето на полицискиот час, на самоизолацијата, и ако самоизолацијата не се почитува, да се префрлат лицата во државен карантин. Третата задача на Армијата е да обезбеди физичко обезбедување на витални објекти кои што до сега ги обезбедуваше МВР. Тоа значи дека Армијата ќе го преземе обезбедувањето на објекти како Собранието, Владата на Република Северна Македонија, но и важни локации, како што се затворите. Важно е во услови на вонредна состојба, да обезбедиме никој да не се грижи дали овие установи се или не се под контрола“, рече Шекеринска.

Во зависност од тоа како ќе се менуваат одлуките и Уредбите, вели таа, ќе се носат и одлуките дали ќе има дополнително активирање на Армијата.

 

Слични содржини