Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот официјален фејсбук профил напиша дека во текот на денешниот ден лицата П.Р. и С.А. се изведени пред судија на претходна постапка и им е определена мерка притвор. Против лицата поднесена е и кривична пријава за насилство.
Лицата П.Р. и С.А. пред неколку месеци малтретирале и тепале девојка, а видео се споделуваше на социјалните мрежи.
– Вчера, односно на ден 02.04 Секторот за внатрешни работи Штип презеде мерки и активности при што врз основа ги лиши од слобода лицата П.Р и С.А. од причини што тие на неутврден датум во текот на јануари оваа година започнале вербална расправија со оштетената К.А. која преминала во физички напад врз неа. Вербалниот напад започнал во куќата каде престојувала оштетената и продолжил на улица по што тие ја внеле во влез од зграда, каде ја затвориле вратата и извршиле грубо насилство врз оштетената кое истовремено го снимале, пишува Чулев на фејсбук.
Во влезот од зградата, како што пишува, пријавените заедно физички ја малтретирале, при што телесно ја повредиле и ја загрозиле нејзината сигурност.
– Од тие причини, а врз основа на изјавите на сторителите на делото и оштетената, полициски службеници од СВР Штип преземаа мерки во врска со кривичното дело при што се извршени проверки, односно извршен е увид во фејсбук групата каде е објавен видео материјалот и врз основа на утврдените докази и факти во присуство на јавен обвинител од Штип од страна на оштетената извршено е препознавање на сторителите на делото и одземени им се мобилните телефони. Врз основа на горенаведното од страна на СВР Штиш до ОЈО Штип поднесена е кривична пријава за кривично дело „Насилство“ по член 386 од кривичниот законик, пишува Чулев на фејсбук.