Со воен авион од Чешка пристигна помошта од милион медицински маски во земјава

од Берта Китинска
146 прегледи

Воен авион на Чешката Република со помош од милион медицински маски за справување со Ковид-19 пристигна попладнево на Меѓународниот аеродром – Скопје.

Донацијата ја прими вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во улога на национален координатор на странска помош во земјава од страна на чешкиот амбасадор Мирослав Томан.
Османи се заблагодари на помошка од чешката Влада и чешкиот народ во износ од милион заштитни маски кои, како што рече, ќе бидат наменети за поддршка на здравствениот систем.

– Преку амбасадорот Томан сакам да ја пренесам пораката на искрена и длабока благодарност до чешката Влада. Оваа поддршка ќе биде запаметена и граѓаните ќе бидат благодарни. Ова не е прашање само на борба против КОВИД-19, ова е покажување на дело на солидарноста меѓу две пријателски земји помеѓу Чешка и Северна Македонија, рече Османи, додавајќи дека Чешката Република е еден од најголемите донатори во одредени сектори во државата.

Истакна дека пред се на дело во оваа пандемија се покажува европската солидарност и од оваа порака произлегува дека ќе го победиме вирусот и ќе излеземе посилни, пообединети и поподготвени за периодот што следува.

– Продолжуваме и со другата соработка во рамки на Европската Унија и во рамки на Европскиот солидарен фонд во делот на заедничката набавка на медицинска опрема за која денеска пуштивме барање до ЕУ, информира Османи.
Амбасадорот на Чешка во земјава, Томан, рече дека неговата земја продолжува со билатералната поддршка за Северна Македонија и во таа насока денеска пристигнаа еден милион медицински маски.

– Сметам дека тоа е еден огромен износ, но свесни сме дека нашите пријатели имаат потреба од оваа помош. Се надеваме дека оваа донација ќе помогне особено на оние кои се во првите редови кои се борат со коронавирусот – лекарите, медицинскиот персонал, полицијата… Сите ние ним треба да им се заблагодариме за тоа што го прават. Ако не сме заедно, нема да ја добиеме оваа битка. Се надевам дека оваа помош ќе донесе мало олеснување но е голем доказ за пријателството меѓу двете земји Чешката Република и Северна Македонија, истакна амбасадорот Томан.

Слични содржини