Училиштата се отвораат, Данска поделена: „Моето дете нема да биде заморче, го испраќате на првата борбена линија““

од Nikola Popovski
127 прегледи

Околу десет илјади деца во Данска се вратија во училиштата и градинките денес откако данските власти решија да ги отворат вратите на тие институции по еден месец строги ограничувања на движење поради пандемија со коронавирусот.

По напредокот во борбата против ширењето на инфекцијата, данските власти решиле да ги вратат учениците до петто одделение во училиштата, како и децата во градинки,  пренесува Јутарњи.хр.

Училиштата мораа да исполнуваат одредени стандарди, како што е доволен простор помеѓу учениците.

Сепак, многу родители се загрижени за последиците од новата одлука што е донесена, за разлика од другите европски земји.

„Како и да е, нема шанси да ги праќам децата на училиште“, рече Сандра Андерсен, основач на Фејсбук страницата „Моето бебе нема да биде заморче“, во која има повеќе од 40.000 членови.

„Мислам дека многу родители размислуваат така. Зошто моето дете треба да излезе прво “, вели мајката на две девојчиња, на возраст од пет и девет години.

Премиерот Мете Фредериксен денес ја бранеше одлуката за одењето на малите деца на училиште, донесена во консултација со епидемиолозите. Мете рече дека на родителите ќе им биде дозволено да се вратат на работа и да ја рестартираат економијата.

Кристијан Вајс, научник на Катедрата за заразни болести на Универзитетот во Архус, вели дека ја разбира загриженоста на граѓаните.

„Новите инфекции нема да бидат проблем во таа возрасна група затоа што мал процент на деца биле заразени, а оние кои биле заразени имаат благи симптоми“, рече Вајс.

„Погледнете во соседна Шведска, нивните училишта се отворени и нема драматично зголемување на инфекциите. Се чини дека децата не се главниот двигател на пренос на вирусот“.

Повеќето членови на „Момстер“, онлајн тим од илјадници дански мајки, не веруваат дека властите ја имаат ситуацијата под контрола, тврди основачката и режисерка, Ема Суцу.

„Мајките чувствуваат дека ги фрлаат своите деца на првата борбена линија и мислам дека сакаат да кажат – не играјте со нашите деца“, вели таа.

Отворањето на училиштата е првиот чекор во планот на Данска за повторно воспоставување на земјата.

Рестораните, кафулињата, театрите, кината и трговските центри ќе останат затворени до 10 мај.

Во Данска, земја со околу 5,6 милиони луѓе, потврдено е дека 6.706 лица се заразени со вирусот, а 299 починале. Властите во вторникот објавија 193 нови случаи на инфекција.