На Германците им е дозволено да протестираат за време на пандемијата: Уставниот суд одредил на кој начин

од Nikola Popovski
128 прегледи

Германците имаат право да одржат политички протести ако се придржуваат кон правилата за социјална оддалеченост, одлучи денес германскиот Уставен суд.

Пресудата, меѓутоа, не е целосна победа за младите активисти кои го повикаа судот, откако властите во германскиот град Гисен, на западниот дел на земјата, забранија протест планиран за оваа недела. Продемократските активисти во Гисен, во сојузната држава Хесе, изјавиле дека мерките за карантин ја нарушуваат слободата на собирање, што е клучен дел од германскиот Устав.

Тие го упатиле случајот до Уставниот суд, откако два пониски суда одлучија во корист на локалните власти и ја задржаа забраната за протести, иако организаторите ветија дека ќе се придржуваат кон правилата за социјална дистанца за време на протестот.

Сепак, откако се спротивстави на властите кои сакаат да продолжат со одржувањето на мерките за социјална оддалеченост, Уставниот суд соопштил дека општата забрана за собирање ќе биде неуставна и им наредил да ја сменат својата одлука.

Нема целосна забрана

Судот известил дека здравствената грижа поврзана со пандемијата на коронавирус не е основа за општа забрана за протести.

„Локалните власти погрешно претпоставиле со одредбата на државата Хесе, која вклучува општа забрана за собирање на повеќе од две лица кои не живеат во исто домаќинство, со што се нарушува уставното право на собирање“, соопштил судот.

Уставниот суд додал дека градот Гисен и двата пониски суда мора повторно да одлучат дали ќе дозволат протести во овие околности или да ги забранат.

Германија ја преживува пандемијата подобро од другите европски земји како Италија, Шпанија и Франција. Од потврдените 130.450 заразени лица, помалку од 3.600 починале во земјата.

Канцеларката Ангела Меркел во средата изјави дека Германија постигнала „кревок успех“ и дека ќе преземе мали чекори за ублажување на мерките, започнувајќи со делумно отворање на продавниците следната недела и училиште на 4 мај.

Одлуката на Уставниот суд може да ја отвори вратата за протести на германските улици.