„Подобро коронавирус отколку социјализам“: Американците не сакаат во карантин, судир со лекарите (видео)

од Nikola Popovski
176 прегледи

Протести се одржаа низ САД против мерките за ограничувања на движењето и седењето дома.

Стотици демонстранти ја игнорираа забраната за собирање на повеќе од 50 луѓе во Денвер и се собраа пред собранието мавтајќи со знамиња и транспаренти на кои пишувало „Твоето здравје не е поважно од моите права “, „Слобода пред страв“ и „Претпочитам да ризикувам со коронавирусот отколку со социјализмот“.

Околу 2.500 луѓе излегле на улиците на градот Олимпија, во државата Вашингтон и покрај забраната за собирање на повеќе од 50 лица, протестирајќи против наредбата на демократскиот гувернер Џеј Инсли да останат луѓето во своите домови.

Демонстрантите во Колорадо го нарекле гувернерот Џеред Полис „тиранин“ и се судриле со медицинските работници кои излегле со маски и заштитна опрема на контрапротест, со што го попречувале сообраќајот во градот.

https://www.youtube.com/watch?v=AVTGNOHeL28&feature=emb_title

Повеќето од демонстрантите, покрај тоа што не ја почитувале „социјалната дистанца“, не носеле маски или ракавици, а некои ги донеле и децата. Многумина носеле маици со слика или пароли во чест на американскиот претседател Доналд Трамп.

Државните гувернери го оспориле тврдењето на претседателот Доналд Трамп дека има доволно тестови за коронавирусот и дека треба побрзо да ги отворат економиите.

Мерките за останување дома, за кој експертите велат дека се клучни во забавувањето на ширењето на вирусот, ја погоди силно американската економија, а во текот на изминатиот месец повеќе од 22 милиони Американци аплицираа за бенефиции поради невработеност.