Секојдневниот живот низ целиот свет драматично се менува бидејќи земјите и локалните власти користат различни методи за борба против ширењето на коронавирусот.
Во многу земји, училиштата ќе треба да се отворат, дозволувајќи им на родителите да се вратат на работа, а нивните деца да продолжат со образованието.
Данска покажа како може да се направи тоа и започна со децата помлади од 12 години. Училишните дворови биле поделени на делови со ленти, а столчињата во училниците се поставени на растојание од два метри.
Децата доаѓаат и одат на одмор во различни интервали, ги мијат рацете при доаѓањето и на секои два часа останувале надвор колку што е можно повеќе.
И Чешката Република започна со фазно враќање на студентите на универзитетите, почнувајќи од оние кои се во последните години од студирањето, а враќањето на децата во основните и средните училишта најверојатно ќе следи наскоро.
Чиле оваа недела ќе започне со издавање дигитални картички за имунитет на луѓето кои се опоравиле од коронавирусот, соопштиле здравствените власти.
Таканаречените „КОВИД-картички“ ќе бидат издадени на луѓе кои биле позитивни на вирусот и кои покажале знаци на закрепнување по 14-дневниот карантин.
Претходно овој месец, британскиот министер за здравство, Мет Хенкок изјави дека Велика Британија ја разгледува идејата за сертификати за имунитет или еден вид пасош за да им се овозможи на оние кои имаат антитела да се вратат во нормала што е можно повеќе.
Директорот на Националниот институт за алергии и заразни болести, д-р Ентони Фаучи, изјави за истата идеја во САД дека може да биде добра во одредени околности.
Турција спроведува полициски час само за време на викендите – 48 часа, што влијае на три четвртини од населението во 31 провинција.
Во текот на неделата, мерката за останување дома се однесува само на оние помлади од 20 години или над 65 години.
Во Либија, на луѓето им е дозволено само да шетаат од 07,00 до 12,00 часот, а продавниците се отворени во тој интервал.
Во Шведска, сите 70-годишни или постари се советуваат да останат дома, а во Перу во понеделник, среда и петок само мажите можат да излезат надвор, додека на жените им е дозволено да излегуваат во вторник, четврток и сабота.
Слична мерка е спроведена и во Панама и одредени градови во Колумбија.
Во некои колумбиски градови, граѓаните можат да излезат според бројот на нивните лични карти, а некои земји користат беспилотни летала за да ја следат усогласеноста на граѓаните кон рестриктивните мерки.