Светската здравствена организација препорача Белорусија да преземе построги мерки за борба против ширењето на коронавирусот – да воведе карантин во земјата, а можеби и полициски час, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко.
„Тие (експерти на СЗО) не не сакаат многу. Тоа е меѓународна организација каде што секогаш има многу политика. Одеа насекаде, дури и во одделенија во болниците, што не очекував. Ни дадоа бројни совети, дури предложија и карантин, па дури и полициски час. Како што велат експертите: власта не лаже. Како што е, така и говорат“, рече Лукашенко.
Белорусија се бори против коронавирусот локално. Министерството за здравство во земјата соопшти дека властите преземаат чекори за да ги идентификуваат пациентите со инфекција на коронавирус и оние со кои биле во контакт, а заболените и контактите од првиот или вториот ред се изолирани.
Лукашенко претходно изјави дека Министерството за здравство сугерирало земјата „директно“ да се бори против ширењето на КОВИД-19, но дека Белорусија немала доволно ресурси за да го стори тоа.
Да потсетиме дека во Белорусија не е воведен карантин. Експертите на СЗО престојувале во Белорусија од 8 до 11 април, на покана на Лукашенко, за да ја проценат состојбата со коронавирусот. Мисијата препорачала земјата да ги заостри мерките за физичката оддалеченост на граѓаните, како и да ги откаже спортските и другите јавни настани.
Белоруското Министерство за здравство во понеделникот соопштило дека во земјата се регистрирани 6.264 случаи на инфекција со коронавирус, а 51 лице починало.