Дали загадувањето на воздухот придонесува за смртноста од коронавирусот?

од Nikola Popovski
169 прегледи

Високото ниво на загадување на воздухот може да биде еден од најважните фактори кои придонесуваат за големиот број смртни случаи предизвикани од корнавирусот, според студија спроведена во Германија.

Анализата покажала дека од вкупниот број на смртни случаи поврзани со коронавирус во 66 административни региони во Италија, Шпанија, Франција и Германија, 78 проценти од нив се случиле во само пет места, кои биле најзагадени.

Студијата ги испита нивоата на азотниот диоксид, загадувачките материи што најмногу ги произведуваат дизел возилата, како и временските услови што спречуваат да се растераат валканите воздушни облаци над градот. Многу студии ја поврзаа изложеноста на азотниот диоксид со лошата здравствена состојба, а особено со заболувањата на белите дробови, што ја прави поголема веројатноста луѓето да починат ако се заразат со Ковид-19, објави Гардијан.

„Резултатите покажуваат дека долгорочната изложеност на овој загадувач може да биде еден од најважните фактори што придонесуваат за смртноста предизвикана од Ковид-19 во овие региони, а можеби и ширум светот“, рече Јарон Оген од универзитетот „Мартин Лутер“ во Хале-Витнберг, Германија, кое го спроведе истражувањето.

„Со труењето на нашето опкружување, го труеме нашето тело и кога има хронична респираторна болка, неговата способност да се брани од инфекција е ограничена“, изјавил Оген.

Анализата укажува дека постои силна корелација, а не причинско-последична врска.

„Сега е неопходно да се испита дали присуството на почетна воспалителна состојба е поврзано со реакцијата на имунолошкиот систем на коронавирусот“, додаде Оген.

Друга студија објавена на 7 април разгледала загадување на ситните честички во САД и открило дека дури и малото зголемување на нивото на загадување во годините пред пандемијата е поврзано со големата стапка на смртност од КОВИД-19.

Друг неодамна објавен труд покажува дека голем број смртни случаи во северна Италија се поврзани со највисоко ниво на загадување на воздухот, пренесува порталот Бука.

Истражувањето на Оген, објавено во списанието „Science of the Total Environment“, го споредува нивото на азотниот диоксид во јануари и февруари во 66 административни области, земајќи ги предвид смртните случаи од Ковид-19 до 19 март. Оген исто така ги испитал атмосферските услови за да утврди каде облаците на загадениот воздух биле „заглавени“ над регионите.

Тој открил дека 78 проценти од 4.443 смртни случаи се лоцирани во четири региони во северна Италија и еден околу Мадрид во Шпанија. Овие пет области имале најлоша комбинација на нивото на азотниот диоксид и временските услови што го спречуваат протокот на воздух и растерувањето на облаците со загаден воздух.