Написот објавен во магазинот Emerging Infectious Diseases кој го издава Сојузната здравствена агенција на САД за контрола и превенција на болести се тврди дека коронавирус во еден кинески ресторан се раширила од едно лице на девет други луѓе благодарение на системот за климатизација пренесува Дејли Мејл.
Сепак, никој од другите 81 посетители на ресторанот не бил заразен со коронавирус.
Гореспоменатиот напис анализирал инцидент што се случил во ресторан во кинескиот град Гуангжу во јануари, во кој дошло семејство од Вухан.
Научниците велат дека еден член од семејството бил заразен, но немал никакви симптоми и дека по нешто помалку од две недели, девет лица од тој ресторан се заразиле со „Ковид-19“. Меѓу нив, биле членови на семејството од Вухан и уште две други групи што седеле на масите покрај нив.
Масите на кои седеле заразените биле еден метар оддалечени од масата каде седело семејството од Вухан, а научниците додаваат дека ресторанот нема прозорци.
Во написот се вели дека заразата во ресторанот веројатно се проширила преку капки.
Но, бидејќи капките кои човекот ги произведува со дишење, зборување, кивање и кашлање во воздухот остануваат многу кратко и минуваат релативно кратко растојание, научниците заклучија дека системот за климатизација го проширил вирусот во ресторанот.
– Со цел да се спречи ширењето на вируси во рестораните, препорачуваме да се зајакнат системите за контрола на температурата, да се зголеми растојанието помеѓу масите и да се подобри вентилацијата – се наведува во статијата.
Овој напис доаѓа во време кога нема консензус за тоа кога рестораните и кафулињата би можеле повторно да се отворат.
Професорот за инфективни болести при Универзитетскиот клинички центар „Вандербилт“, Вилијам Шафнер, рече дека истражувањето може да послужи како преглед на потенцијалната иднина на угостителството.
– Ние повторно ќе се отвориме. Но, треба да го сториме тоа постепено во фази. Една од тие фази вклучува ограничено работење на рестораните и нивно полнење до половина капацитет – рече Шафнер.