Дали во Шведска помина пикот на епидемијата: 2021 починато лице, 84 во последните 24 часа

од Nikola Popovski
176 прегледи

Најмалку 2.021 човек починале од коронавирус во Шведска по новите 84 жртви во последните 24 часа, додека заразени се 16.755 лица, соопштиле денеска здравствените власти во Стокхолм.

Стапката на смртност од коронавирус во Шведска, која има 10,3 милиони жители и воведе поблаги мерки од повеќето европски земји во борбата, е повисока од онаа на нејзините нордиски соседи.

Според здравствените власти, од 2,3 милиони луѓе во и околу Стокхолм, 70.500 биле потенцијални носители на вирусот на пикот на епидемијата на 8 април.

„Бројот на заразени лица сè уште се зголемува, така што не е момент да се ублажат мерките“, рече епидемиологот Андерс Валенстен на прес-конференција.

Според здравствените власти, четвртина од жителите на Стокхолм и околината ќе бидат заразени со вирусот до 1 мај.

За разлика од другите европски земји, изолацијата не е најважна во борбата против пандемијата. Единствените ограничувања се забраната за собирање повеќе од 50 лица и забраната за посета на старечки домови, додека останатото, според владата, е секој граѓанин да биде „одговорен“ и да ги следи препораките на здравствените власти.

Универзитетската болница „Каролинска“ денес соопштила дека починала 40-годишна медицинска сестра со позитивен тест на коронавирус, но службено лице во болницата за шведската телевизија изјавило дека причината за смртта сè уште не е официјално потврдена.