Американските научници велат дека коронавирусот умира најбрзо кога е изложен на директна сончева светлина, иако наведената студија, според која се поистоветуваат, сè уште не е објавена и се чека екстерна проценка, пренесува „Ал Џезира Инглиш“.
Вилијам Брајан, советник за наука и технологија при Одделот за внатрешна безбедност, изјавил пред новинарите дека владините научници откриле дека ултравиолетовите зраци имаат големо влијание врз патогенот, нудејќи надеж дека ширењето на вирусот ќе ослабне во текот на летото.
„Вирусот умира најбрзо во присуство на директна сончева светлина. Нашиот најважен наод досега е фактот дека сончевата светлина има моќен ефект врз убивање на вируси – и на површината и во воздухот. Видовме слични резултати со температурата и влагата, каде со зголемена температура или влажност, или и двата фактори, околината станува се полоша за вирусот“, изјави тој.
Сепак, има некои случаи каде новиот коронавирус се покажа како смртоносен и во топла клима како што е Сингапур, со што го доведе во прашање влијанието на временските услови врз неговото однесување.
Доказите (не) ја поддржуваат теоријата
Маргарет Харис од Светската здравствена организација (СЗО) за Ал Џезира изјавила дека „доказите не ја поддржуваат теоријата [за сончевата светлина]“.
„Жал ми е, но не можеме да се надеваме дека летото ќе влијае, колку што луѓе се надеваат“, додава таа.
Брајан предупредува дека би било „неодговорно“ да се каже дека потоплите летни месеци ќе го елиминираат вирусот, но истакна дека тој период може да обезбеди „можност за напредок“ во борбата против пандемијата.
Истражувањето, на кое тој се повикува сè уште не е објавено и затоа е тешко за независните експерти да коментираат колку е соодветна методологијата.
Клучното прашање ќе биде кој е интензитетот и брановата должина на УВ-светлината што се користи за време на експериментот и дали условите на природното летно осветлување се правилно имитирани.
Претходните студии не пронајдоа сигурен доказ дека повисоките температури и високата влажност во текот на пролетта и летото помагаат во забавување на ширењето на коронавирусот.