Истражувачки тимови ширум светот тргнаа во трката за вакцина против коронавирусот и станува јасно дека вкупната цена ќе биде исклучително висока.
Според порталот „Politico.eu“, Европската унија не може да се пофали со најдлабокиот џеб. На понудата од германската компанија „Curevac“, дека за потребата од развивање на вакцина и е потребен заем од 80 милиони евра, Европската комисија ќе одлучи дури по наводната идеја на американскиот претседател Доналд Трамп оваа компанија да ја донесе во САД и да ја развие вакцината таму.
Сепак, повеќе од 70 екипи во светот во моментов работат на потенцијалните вакцини, а секоја од фазите на развој претставува значителен трошок, па очигледно е дека наведената сума е само капка во морето.
Вакцината ќе чини „милијарди, милијарди и милијарди“, вели директорот на консултантска фирма со седиште во Белгија. „Станува збор е профилактичка вакцина за целото население на планетата“, забележува тој.
На крајот на развојот, секоја потенцијална вакцина прво мора да се тестира на животни и само тогаш ќе се одлучи колку е безбедна за луѓето.
Потоа со пошироки тестови за да се докаже нејзината ефикасност, како и да се добие регулаторно одобрување и, на крајот, масовно производство во количини од можеби неколку милијарди дози.
Според една фондација за финансирање на науката, развивањето на ефективна вакцина против вирусот би можело да чини 2 милијарди американски долари, но тоа не вклучува трошоци за производство, додека еден тим економски експерти вели дека јавните буџети издвоени за оваа намена ќе треба да бидат повеќекратно зголемени.
Со цел да се соберат 8 милијарди американски долари за развој на вакцината, како и средства за дијагностицирање и третман на коронавирусот ширум светот, Европската комисија ќе организира донаторска конференција во соработка со други организации на 4 мај, објавува порталот „Politico.eu“.