Милион заразени во САД: Трамп го помина патот од минимизирање на заканата до совети за инјектирање средства за дезинфекција

од Nikola Popovski
242 прегледи

Во САД бројот на заразени премина над 1 милион, односно откриени се 1.000.441 случаи на Ковид-19.

Од вирусот починаа 56.286 лица, што е повеќе од Кина, која беше епицентар на пандемијата.

Најтешка е ситуацијата во сојузната држава Њујорк која бележи 297.224 случаи, и починати 22.612. Гувернерот на таа држава Ендру Куомо наложи засилено тестирање, кое сега се врши и во аптеките, па тестирани дневно се 40 илјади.

Со недели, американскиот претседател Доналд Трамп ја минимизираше заканата од коронавирус и ги игнорираше апелите на неговиот министер за здравство да инвестира во тестирањето и вентилаторите за дишење.

Потоа, на 13 март, прогласи вонредна состојба поради пандемија и најави дека ќе инвестира 50 милијарди американски долари од резервите на државата.

Од самиот почеток, Трамп ја обвини Кина дека стои зад пандемијата, нарекувајќи го коронавирусот „кинески“.

Поради контакт со заразени службеници, тој бил тестиран двапати, а двата пати тестот бил негативен. Постојано ги обвинува кинеските власти дека не успеале да објават вистински податоци за коронавирус.

Трамп на 15 април донесе одлука САД привремено да го прекинат финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО) заради „лошо управување“ на епидемијата на коронавирус.

„Денес, наредив прекин на финансирањето на СЗО, додека се спроведува студија за да се испита улогата на СЗО во лошо управување и прикривање на ширењето на коронавирусот“, рече тој на прес-конференцијата во Белата куќа.

Претседателот на САД неодамна направи гаф на прес-конференција, кога предложи истражувачите да ги разгледаат ефектите на средствата за дезинфекција на вирусот и праша дали може да се инјектираат кај луѓето.

Еден ден подоцна, во интервју за новинарите во Овалната канцеларија во Белата куќа, Трамп тврди дека неговата изјава била погрешно толкувана: „Саркастично ги прашав новинарите како тебе, само за да видам што ќе се случи“.

И покрај тоа оправдување, од изјавата бројот на хемиски труења во САД се зголеми, а како што официјалните претставници објавиле, луѓето со детергенти се обиделе да ги исплакнат синусите, додека едно лице испило мешавина од белило и вода за плакнење на устата за да го убие вирусот.