Корона-криза: Како проширувањето на градовите ширум светот придонесе за појавата на заразни болести?

од Nikola Popovski
199 прегледи

Интердисциплинарен тим на научници од универзитетот Линколн (Велика Британија) и универзитетот Јорк (Канада) истражувале како глобалниот тренд на урбанизација придонел за појава на заразни болести од 1980-тите.

Нивната студија, објавена во академскиот журнал „Урбан Стадиз“, покажува дека урбаната експанзија на периферијата на градовите, понекогаш наречена „проширена урбанизација“, фундаментално ги менува просторните односи што го обликуваат начинот на кој живеат милиони и комуницираат едни со други, но и со природата. Притоа, тоа создава „нови еколошки нишки“ за ширење на заразни болести, предупредуваат истражувачите, пишува „Линколн“, а пренесува „Кликс“.

Брзата урбанизација, особено во азиските и африканските земји во развој, создава постојани врски помеѓу урбаните и руралните области. Приградските населби, само-изградените населби, бегалските кампови или заедницата на работници кои живеат близу рудници или фабрики, веројатно се поголем извор на нови заразни болести отколку градовите, објаснува студијата.

Ова особено важи за болестите кои преоѓаат од животните кон луѓето, бидејќи луѓето и добитокот ќе бидат во контакт со живиот свет, што не се случува во градовите. Предградијата се често густо населени и немаат здравствена инфраструктура. Тие исто така служат како канал помеѓу градот и селата, правејќи ги општинските, регионалните, па дури и националните граници многу штетни.

Сарс и еболата се важни примери на епидемии што се појавија во овие нови типови предградија пред да се прошират во поголемите градови. Истражувачите тврдат дека местата како овие во најголем дел се заборавени во академските студии, кои наместо тоа повеќе се фокусирале на урбаните проблеми.

Истражувачите поставија три клучни димензии за разбирање на врската помеѓу урбанизацијата и ризикот од заразни болести: динамиката на промена на населението, инфраструктурата и управувањето. Тие велат дека се потребни дополнителни интердисциплинарни истражувања во овие области – особено сега кога светот се бори против пандемијата на КОВИД-19, што за првпат се појави во декември во Вухан.

Д-р Крејгтон Коноли, географ на универзитетот Линколн, тврди дека економскиот раст, менувањето на пазарот на трудот и конфликтите ги придвижуваат урбаните ширења и миграциите во земјите во развој и тоа со невидено брзо темпо. Одговорот на појава на епидемии во руралните области е честопати несоодветен и бавен, додава тој.