Во исчекување на вакцина која може само медицински да го ослободи светот од коронавирусот, француското Министерство за здравство и солидарност издаде соопштение во кое се вели дека за прв пат студија за третман покажала „охрабрувачки резултати“, а тоа е лекот – „тоцилизумаб”.

– Откриено е дека пациентите третирани со овој лек покажале помалку потреба за респиратори и помалку смртни случаи за време на двонеделното следење. Тоа е првиот лек со значителни ефекти забележани во едно клиничко испитување – се вели во соопштението.
Студијата е спроведена во рамките на Францускиот национален институт за здравје и истражување, а беше покрената по заклучокот дека организмите заразени со ковид-19 понекогаш лачат молекули кои фаворизираат воспаление, односно инерлеукини, пренесуваат медиумите.
Министерството соопшти дека овие „први охрабрувачки резултати“ ќе бидат објавени по мислењето на стручниот комитет. Исто така, се додава дека се потребни дополнителни тестирања за да се потврди интересот за овој третман.
„Тоцилизумаб“ е првиот лек што доби вака охрабрувачки официјален заклучок. Сите други третмани, вклучително и хлорокин, околу кои има многу контроверзии во земјата, и за кои оптимизам изразуваа поединци, а не здравствени власти, претходно беа одобрени да се користат со строг лекарски преглед, но без вакви експлицитни ставови.
Исто така, беше истакнато дека треба да се продолжи истражувањето на другите молекули. Во Франција во моментов има 2.000 лица кои учествуваат во клиничките испитувања.
„Тоцилизумаб“ е имуносупресивен лек кој игра важна улога во имунолошкиот одговор во организмот и првенствено се користи за лекување на тешки форми на ревматоиден артритис, но се користи и кај некои други болести.