Светската здравствена организација го пофали шведскиот модел за борба против епидемијата на коронавирус, а Др. Мајк Рајан, главниот извршен директор, објасни дека наместо тотална блокада и карантин, шведските власти вовеле мерки што се потпираат на самоконтрола и дисциплина на граѓаните.
Овие пофалби се направени и покрај што Шведска, земја со население од 10 и пол милиони, има повеќе од 20.000 заразени и вкупна бројка на смртни случаи од 2462
Тоа е повеќе од нејзините северни соседи, кои воведоа построги мерки за спречување на пандемијата на „Ковид-19“. Норвешка со население од 5,4 милиони има вкупно 7680 заразени и 207 смртни случаи, а во Финска со население од 5,5 милиони, потврдени се 4906 заразени и 206 починати.
„Мислам дека постои перцепција оти Шведска доволно не ги контролира мерките и дека едноставно властите дозволиле болеста да се шири“, рече Рајан и додава:
„Ова е многу далеку од вистината. Шведска воведе многу силна политика за јавно здравје, физичко дистанцирање на луѓето, грижа и заштита за оние во болниците и другите институции“.
Тој го опиша шведскиот пристап кон коронавирусот како партнерство со граѓаните.
„Ако сакаме да постигнеме враќање во нормала, Шведска на многу начини ќе биде модел за иднината, доколку целта е да се вратиме во живот без карантин“, рече тој во Женева.
Како што е познато, Шведска се определи за многу полиберални мерки, односно не наметна воведување на рестриктивни мерки за движење, туку дозволи работа на кафулињата, рестораните и слични дејности што луѓето продолжуваат слободно да ги посетуваат.