Научниците предвидуваат дека во иднина има три можни сценарија на КОВИД-19: појава на епидемиски мини-бран, вториот, уште поголем епидемиски бран и постојана криза, јавува американскиот „Стат њуз“.
Овие предвидувања се резултат на истражувањето спроведено од епидемиологот Мајкл Остерхолм и колегите од Универзитетот во Минесота.
Според првото можно сценарио, големиот епидемиски бран, за кој сме сведоци од почетокот на годината, ќе биде придружуван со појава на мини-бранови на епидемијата меѓу кои нема да има нови случаи на инфекција.
Оваа ситуација би можела да трае и во наредните две години, со појава и повлекување на епидемиските мини-бранови кои би биле за половина од големината на пролет , а најзаразени би биле во сезоната на грип.
Тоа значи дека епидемијата може да покаже варијации на сезонски тип, но вирусот нема да биде елиминиран со топлото, влажно време, напоменуваат стручњаците.
Таквото време може да го убие вирусот на површините, но не и да го спречи пренесувањето од човек на човек преку капки.
Според второто сценарио, бранот епидемија на кој присуствуваме, ќе биде проследен со појава на втор, уште поголем бран епидемија, подоцна во текот на оваа година. Тој ќе биде подолготраен и посилен.
Ова сценарио предвидува дека во текот на летото ќе дојде до значителен пад на бројот на случаи кога луѓето ќе се опуштат, поради што новиот бран на епидемија ќе биде уште посилен.
Остерхолм предвидува дека во оваа фаза здравствениот систем ќе биде сериозно загрозен, иако болниците би требало да се подготват за новиот бран епидемија.
Третото сценарио предвидува дека актуелниот бран епидемија ќе створи „нова нормалност“ и дека до крајот на 2022 година континуирано ќе доаѓа до појави на новзаразени во помал обем отколку што тоа го предвидува второто сценарио.
Ќе се појават локални жаришта на зараза, некаде помали, а некаде поголеми, а нивниот обем ќе зависи од различни фактори, како што се капацитетите за тестирање и следење контакти.
Во тој случај најдобро би било спроведување на имунизација на корона вирусот, затоа што во спротивно околу половина од популацијата во светот би се заразила, со или без симптоми.
„Оваа пандемија нема да се смири сè додека не се добие доволно отпорност кај населението“, нешто повеќе од 50 проценти, рече епидемиологот Габриел Леунг од Универзитетот во Хонг Конг.
Остерхолм изјавил дека светската популација во моментов е далеку од ова ниво на отпорност на вирусот и дека не повеќе од пет проценти од луѓето во моментов се имуни на вирусот затоа што биле заразени.
Поради ова, вирусот ќе продолжи да се шири долго време.