Во времето на пандемијата на КОВИД-19, многу универзитети ширум САД се несигурни , бидејќи беа принудени да ја претворат наставата во онлајн-курсеви , истовремено разгледувајќи ја иднината на високото образование по кризата и проблемите со запишувањата и финансирањето.

Пандемијата го менува темпото на високото образование во САД со неверојатна стапка, при што многу колеџи и универзитети се соочуваат со пад на запишување и недостаток на финансиски средства, пренесува „Волстрит Журнал“.
Со ширењето на вирусот, високообразовните институции ги испратија студентите дома, а сè уште никој не знае дали ќе се вратат во кампусите на есен.
Весникот наведува дека пандемијата на коронавирус во некои училишта открила недостатоци во деловните модели бидејќи дури и пред кризата, многу колеџи и универзитети „работеле по маргини“, а околу 30 проценти од нив покажале оперативен дефицит, оценилата агенцијата „Modis investors service“.
Пред пандемијата, проценките биле дека околу 100 од 1.000 приватни колеџи за социјални науки во земјата ќе се затворат во наредните пет години, рече Роберт Земски, професор на Универзитетот во Пенсилванија. Сега, вели тој, околу 200 од тие училишта би можеле да бидат затворени следната година.
Училиштата треба да очекуваат пад во запишувањето на нови студенти од 15 проценти следната есен и 45 милијарди американски долари пад на приходите од школарина, соби и други услуги, предупредува американскиот Совет за образование. Некои велат дека предвидувањата се многу полоши, пишува „Вол Стрит Журнал“.
Од 700 универзитети каде рокот за запишување бил до 1 мај, го продолжиле приемот до јуни, но сепак многу студенти не се подготвени да ја донесат одлуката сè додека не се сигурни дали кампусите ќе бидат отворени, бидејќи не сакаат да плаќаат огромни суми на приватните колеџи, а настават да ја следат од дома, вели Мери Бигем, основач на групата за реформи на приемите на колеџот „Аксепт“
Универзитетот „Харвард“ разгледува многу сценарија за есенскиот семестар, изјавил претседателот Лоренс С. Бекоу во текот на месецов. Овој универзитет бил еден од првите што ги испратија студентите дома.
На универзитетот во Аризона се надеваат дека есенскиот семестар ќе ги врати студентите во предавалните, исто како и државниот универзитет во Орегон.
„Може да се надеваме за целосно враќање наесен, но надежта не е стратегија. Затоа ќе се подготвиме најдобро што можеме за секоја можна ситуација“, изјавил Стив Кларк, портпарол на Универзитетот во Орегон.
Од друга страна, весникот „Форбс“ посочува дека пандемијата на КОВИД-19 може да биде можност да се преиспитаат стандардните начини на учење и да се воведат посовремени методи за обезбедување знаење на студентите со искористување на технологијата.
„Ненамерна последица на оваа пандемија е дека високото образование ќе стане значително подостапно бидејќи универзитетите размислуваат како да ги канализираат сите нивни програми преку Интернет, вклучително советување, студентски живот, развој на кариера и др.“, вели Гаиди Фарај, декан на универзитетот „African lidership“.