Француска болница, испитувајќи стари примероци на пациенти со пневмонија, открила дека лекувала маж кој имал Ковид-19 на 27 декември, скоро еден месец пред француската Влада да ги потврди првите случаи.
Ив Коен, шеф на одделот за реанимација на повеќе болници во парискиот регион, за телевизијата БФМ изјавил дека научниците преиспитале примероци од 24 пациенти третирани во декември и јануари, кои биле негативни на грип.
„Од 24 пациенти, имавме еден кој што беше позитивен на Ковид-19 на 27 декември“, рече тој за информативниот канал во неделата, пренесува Ројтерс.
Коен вели дека пациентот преживеал и дека е спроведена првата истрага за да се најде првата контаминација.
„Тој беше болен 15 дена и ги зарази своите две деца, но не и неговата сопруга, која работи во супермаркет“, вели лекарот.
Лекарот понатаму се интересирал дали сопругата на заболениот продавала риби или морски прозиводи со потекло од Кина, таа одговорила негативно, но работела во близина на одделот каде се продаваат азиски производи. Неговата истрага за пациентот завршила тука, но смета дека жената најверојатно била асимптоматична.
Во Франција првиот пациент официјално заболен од Ковид-19 беше дијагностициран на 24 јануари во Бордо.