Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:

Откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го следеше „славниот пример“ на неславниот состав на Државната изборна комисија, па поднесе оставка, не слушнавме ништо особено. Ако се сеќавате, ДИК-овци ги фативме во злоупотреби на јавните пари и луксузирање, како богат прилог на веќе установените политички и административни катастрофи што ја следеа нивната работа.
Парламентарната комисија за именувања, онаа што СДСМ великодушно му ја отстапи на Илија Димовски на раководење, ги награди ДИК-овци што веќе беа полни како брод, со мрсни апанажи. Шлепер пари, би рекол другар ми. Антикорупциската комисија, пак, што има безброј гревови во своето послушничко портфолио, да ти било, всушност, корумпирано. Па, со истражувањето дојдовме до податоци за злоупотреби на јавните пари, функции, политизираност, непостапување и чување на „случајно“ отворените предмети во фиока… И тие поднесоа оставка.
Како и во случајот со ДИК, ни ДКСК не е конституирано. Ќе речете, цело едно министерство за здравство беше без министер, па што ќе речете за ДИК или за ДКСК. И во право ќе бидете. Само, не тагувајте, таа функција во нашето општество ја има Солза…
Како и да се сврти, многу малку знаеме за важни прашања и процеси во земјата. Не заборавајќи колку е важен референдумот, овој народ (не тоа што го подразбира налудничавиот тапоглавец под поимот народ!) треба и да живее. Притоа, истиот овој народ треба да биде заштитен од едно од најголемите зла на денешницата – корупцијата. Е, баш за корупцијата нема институција, а ни законот не е со најдобро здравје.
Деновиве, в раце ми падна еден документ, предлог закон за спречување на корупцијата, но не оној што Министерството за правда го најавува, туку еден поинаков…
За разлика од законот што е во некаква рана процедура во моментов, законските решенија на предлогот што дознавам дека е ставен ад-акта, предвидува низа антикорупциски мерки што се во хармонија со извештајот на Групата за борбата против корупцијата (ГРЕКО), според кој само една четвртина од нивните препораки се исполнети. Кристоф Шпекбахер неодамна рече дека „на Македонија ѝ недостасува промена на однесувањето“… Што да се додаде на оваа кратка, но убиствена констатација на странскиот експерт?
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.