Адеми: Целта на Владата е да се намали бројот на Албанците

од Nikola Popovski
90 прегледи

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми ги коментирал 100-те дена работа на Владата. Според него, позицијата на Албанците во земјава е загрозена и, како што вели, актуелната влада не го почитува Охридскиот договор.

Адеми оценува дека Владата се обидува да го намали бројот на Албанците во Македонија.

„Слоганот на кампањата беше за Македонците и не поминаа многу денови од формирањето на оваа влада, а веќе наидуваме на пресврт во правата на Албанците. Првата одлука на првиот ден од оваа влада беше да се намали бројот на Албанците на 24 проценти, дури и во 2002 година немаше толку малку Албанци. Водевме преговори. За волја на вистината, Македонија направи чекори напред во последните години, но почитувајќи го духот на Охридскиот договор“, изјавил Адеми за албанската „ABC News“, пренесува „Kosovo online“.

Пратеникот додал дека клучната идеја на кампањата на актуелната влада била членството на Северна Македонија во ЕУ, но дека денес, како што напомена, земјата е многу подалеку од ЕУ од кога било досега.

„Ако зборуваме за кампањата, клучниот збор беше членството на земјата во ЕУ, денес сме многу подалеку од ЕУ отколку претходно. Ако погледнеме наназад во кампањата, сите политички партии зборуваа за владеење на правото, но, до денес не поминаа ни 100 дена, а, од затвор се ослободени оние кои насилно влегоа во Собранието во 2017 година, кога Џафери првпат беше избран за претседател. Значи, замислете, тие што дури и беа осудени за тероризам со насилно влегување во Собранието, за да се спречи изборот на Џафери, денеска се ослободени и се подразбира дека се напаѓа Охридскиот договор и целата оваа ситуација има ефект на непочитување на легитимитетот“, заклучил тој.

Слични содржини