Се води систематски црна кампања против ДУИ каде што ние се оцрнуваме дека сме најголемото зло во државата, додека ние нудиме конкретни и издржани решенија, рече синоќа генералниот секретар на ДУИ, Арбер Адеми. Тој истакна дека целото општество влегло во стапица дека „неговата партија е најлошото нешто во државата“.
Адеми го критикуваше и ставот на Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски дека во Судот ако се користи бадентеровиот принцип, треба да се стави клуч на институцијата и граѓаните да заборават на правната држава.
„Тоа е сосема погрешен став и став што не се совпаѓа со реалноста. Баш поради тоа што сега имаме етничка мајоризација, треба да има бадентерово мнозинство. Дарко Костадиновски е партиски војник, откога е претседател на Уставен суд ги отвора сите сензитивни етнички теми. Луѓе како него со неговите ставови ја предизвикаа 2001. Во 1997, токму Уставниот суд беше генераторот на етничка криза во Тетово и Гостивар. Генератор на кризи се луѓе како Дарко Костадиновски“, изјави Адеми во емисијата „24 анализа“, додавајќи дека ДУИ не барала укинување на „Бадентер“.
Тој порача дека засега нема договор ниту за Законот за прекршоци за „Безбеден град“, ниту за народен правобранител.