Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, како десеттина други поранешни функционери.
На почетокот на рочиштето, на кое како доказни материјали требаше да се слушаат поваќе од 1.000 „бомби“, еден адвокатите на Груевски, Еленко Миланов, забележа дека аудио снимките не се докази што судот ги добил како оргинали, туку се преснимувани.
Миланов и другата адвокатка на Груевски, Сања Алексиќ, го побараа на увид записникот за предавање на бомбите од СДСМ во СЈО.
Во „Титаник“, покрај Груевски, Јанакиески и Јанкуловска, обвинети се и Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие според СЈО се одговорни за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
Минатото рочиште за „Титаник“ требаше да се одржи на 3 јули, но беше одложено поради неприсуство на Гордана Јанкулоска која, како што извести нејзината адвокатка Сања Алексиќ, се наоѓаше во болница по породувањето. Судијата Осман Шабани тогаш рече дека обвинетата Јанкулоска има право 45 дена да не биде повикувана на судски рочишта, поради што го одложи судењето за „Титаник“ за 16 август.
На почетокот на денешното рочиште судијата Османи ја праша Јанкулоска дали сега е се во ред со неа и дали може да присуствува на судењето, на што таа потврдно одговори.