Аеродром промовираше европска методологија за одржување јавна хигиена

Општина Аеродром воведе нова интерактивна европска методологија за одржување на јавната хигиена во општината, брифираа на денешната средба со новинарите Александар Ѓоргиевски, раководител на Секторот за работи на градоначалникот, и Дејан Антовски, раководител на Одделението за комунални работи и заштита на животната средина.

„По теркот на градот Љубљана и јавното претпријатие „Снага“, воведуваме нова европска методологија за одржување на јавната хигиена во Општина Аеродром. Ние сме прва општина во државата и во регионот што имплементира ваква практика и не случајно е избран градот Љубљана како пример, со оглед на фактот што тој веќе неколку години е прогласен за зелена престолнина на Европа. Ние сакаме да спроведеме европски стандарди, вредности и проекти за чист и зелен Аеродром, затоа што зеленилото за кое се грижиме сите треба да остане застапено дури и повеќе од пропишаните европски стандарди. Чистотата, мирот и безбедноста се и ќе бидат наш заштитен знак“, рече Георгиевски. Според него, Општина Аеродром ќе бара активно членство во европската еколошка мрежа „Нула отпад Европа“ (Zero Waste Europe).

Раководителот Антовски објасни дека граѓаните преку веб-страницата www.higi-aerodrom.mk ќе можат интерактивно, да комуницираат со општината и да пријавуваат проблеми со хигиената, каде што локалните власти ќе постапуваат и ќе ги решаваат овие проблеми согласно со можностите и надлежностите на општината. „Секој жител на општината, преку оваа страница, преку телефон или преку електронска пошта, ќе може да пријави проблем со хигиената. Во најбрз можен рок како општина ќе се организираме со сите расположливи капацитети да го решиме проблемот. Во пораката очекуваме само да се објасни проблемот и доколку е можно, да се прати фотографија. По решавање на проблемот, секој граѓанин што пријавил ќе добие известување и фотографија за решениот проблем. Секако, ние секојдневно сме на терен и ги извршуваме нашите обврски за чист и зелен Аеродром.

Само заедно може да го направиме Аеродром уште почист и уште позелен и да се гордееме со воведувањето на европските вредности“, додаде Антовски. Општината ќе постави календар на редовни активности за чистење на Аеродром, ќе постави распореди за вонредни чистења на кабаст отпад и постојано ќе ги ажурира сите наведени термини за да бидат информирани граѓаните кога ќе се чисти во нивниот реон, населба или улица. Општина Аеродром освен со новата методологија, аплицираше и за ЕУ-проект за селекција на отпад од куќен праг „Clean AirDrom“ финансиран од Европскиот фонд за локални самоуправи. Проектот е насловен како „Zero Solid Waste in Municipality of Aerodrom“. Континуирано ќе реализираме акции за собирање и обезбедување микролокации, „урбани простори“ за одлагање кабаст отпад, почнуваме со изработка на проект за селекција и компостирање органски отпад и изработка на студија на загадувачи во Општина Аеродром, што ќе опфати и субвенционирање за нивно неутрализирање. Наскоро општината ќе ги повика станбените заедници да креираат „енергетски задруги“ во соработка со бизнис-заедницата.

Слични содржини