Ахмети ангажира меѓународен тим предводен од авторот на Охридскиот договор поради „непочитување на волјата на гласачите“

од Nikola Popovski
174 прегледи

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми најави дека лидерот на партијата Али Ахмети ќе ангажира меѓународен тим предводен од американскиот адвокат Пол Вилијамс, за, како што пишува Адеми, да најде решение за „непочитување на волјата на гласачите“ во земјава.

Според Адеми, Ахмети најавил серија на активности, со цел почитување на Охридскиот договор и етничкиот легитимитет кој што извира од духот на Договорот.

-Следствено на тоа, има ангажирано меѓународна експертска екипа предводено од страна на Пол Вилијамс, авторот на текстот на Охридскиот договор во 2001 година.

Екипата работи на неколку предлог идеи за да се оневозможи непочитување на волјата на гласачите во иднина и нарушување на духот на Охридскиот договор, истакнувајќи дека суштината на Договорот е да се спречи доминацијата на мнозинството (мајоризација) над втората по големина етничка заедница, промовирајќи вистинска мултиетничка и консензуална демократија, стои во објавата на Адеми.

Лидерот на ДУИ од собирот на сите партиски структури изминатиот викенд во Гостивар, порача дека ДУИ и Европскиот фронт не се откажуваат од тоа дека е нивен легитимитетот да бидат дел од Владата како победничка коалиција и дека за легитимитетот и за достоинството ќе водат битка во секоја населба и институција.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Според книгата на Петрит Менај – „ОНА-порака и надеж“, во преговорите индиректно, т.е. телефонски бил консултиран и токму Ахмети, иако тој формално не бил учесник на преговорите.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“.

Договорот содржи и три Анекси: Уставни амандмани, Измени во законодавството и Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.

Слични содржини