Ахмети го спореди Курти со Вучиќ: Постои ли страв во ДУИ меѓу соработката на ЕСП и Самоопределување?

од Nikola Popovski

Помагањето и поддршката на косовската партија Самоопределување кон Алтернатива, БЕСА и Демократското движење се уште се актуелни во македонската јавност. Откако изминатото лето косовскиот премиер Албин Курти, беше во неофицијална посета на Скопје и Тетово и во присуство на претседателите на Европскиот сојуз за промени, овојпат неговата партија се приклучува на здружената албанска опозиција во земјава, но само преку работа и поддршка, со оглед дека субјектот не е регистриран на наша територија. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети синоќа повторно го актуелираше прашањето, нагласувајќи дека Курти се меша во политичката сцена на Албанците во Македонија. „Не доведоа во многу тешка ситуација. Зошто Курти се буни кога Вучиќ е политички активен на Косово? Како го објаснувате тоа? Ме оставија без зборови“, рекол Ахмети во гостување на албанска телевизија. Го споменал и албанскиот премиер Еди Рама, за кого кажал дека не се меша во македонските работи и вложил напори да ги зближи овдешните партии.

„И ДУИ соработуваше со партии од Косово“

Дел од домашните експерти гледаат „страв“ во ваквите изјави на Ахмети. Според универзитетскиот професор и политички аналитичар, Башким Селмани, ако се анализира деталната политичка состојба кај албанскиот блок, но и Балканот, ќе се види дека секогаш имало одредена соработка меѓу политичките партии.

Башким Селмани

-И ДУИ имал одредена соработка со други партии од Косово, но тогаш немало проблем. Косовскиот премиер Албин Курти дава морална поддршка на одредени партии, бидејќи тие соработуваат, дали внатре или надвор од државата и тука нема спорно. Во нашиот Устав секој граѓанин има право да биде активен во партиите и да формира своја партија, вели Селмани за „Локално“.

Според него, секогаш кога политичките партии имале соработка со партии од Косово или Албанија, секогаш имало и промени и „сигурно во ДУИ мислат дека ќе дојде до тоа“.

-Има простор за страв. Зошто ваквото прашање не го постави Ахмети кога беа на разговори кај Рама во Тирана? Таква соработка ќе има и во иднина. Поддршката овде е само морална, не е противзаконска, нагласува професорот за соработката на косовскиот претседател на влада и здружена албанска опозиција во Македонија,

„ЕСП нема да го урне ДУИ со помош на Курти“

Околу споредбата на лидерот на ДУИ меѓу косовскиот премиер со српскиот претседател, соговорникот истакнува дека од историски аспект, не може да се прави таква компарација бидејќи Вучиќ се меша и во БиХ и во Хрватска.

-Кај нас секогаш тие влијанија ќе ги има бидејќи секоја матична држава треба да води сметка за своите граѓани, посочува Селмани и додава баш тука се гледа слабоста на ДУИ. Сепак тој не очекува дека Европскиот сојуз за промени ќе го „урне“ Ахмети со помошта на Груби.

-ДУИ секогаш анализираат претходно и имаат форма и формула како да спречат. Не гледам дека Самоопределување може да има посебно влијание и да направи нешто што е спротивно од политиките на ДУИ. Овде е само морална поддршка и токму затоа не сметам дека може да ѝ направат проблеми на партијата од Мала Речица. Во политичките односи и меѓу сите партии, нема таква сила што може да го турне Ахмети и ДУИ, дециден е Селмани.

Косовската јавност не смета дека соработката меѓу здружената албанска позиција во земјава – Европскиот сојуз за промени и партијата Самоопределување“ во суштина е во полза за идејата за „Голема Албанија“, ниту за идеја за раздор и распарчување на Македонија, ​​туку за создавање блок во регионалната и глобалната политика на Албанците. Дел од тамошните експерти неодамна за „Локално“ порачаа дека проевропските и прозападните демократски сили во регионот, па дури и во ЕУ, ја сфаќаат таа идеја како неопходна реакција на идеите за конфликт на национална и верска основа, кои одговараат на одредени сили во Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора.

Соработката на Курти со албанскиот опозициски блок во земјава не е изненадување. Како поддршка од косовскиот премиер беше протолкувана и неговата посета на Чаир и Тетово во август годинава, кога беа организирани граѓански собири и концерт на тетовскиот плоштад во организација на Општината предводена од Билал Касами од Беса, кој сега е дел од опозициската коалиција.

Самоопределување, како политички субјект се регистрираше и во Албанија за да учествува на парламентарни избори во оваа држава во 2021, но не успеа да освои пратенички мандат.

Парламентарните избори во Северна Македонија, според договорот од лидерската средба на 4 декември, треба да се одржат на 8 мај 2024 година кога истовремено ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Две недели претходно, пак, ќе се гласа во прв круг претседателски избори.

Н.П.

Слични содржини