Некогаш СДСМ, денес ВМРО ДПМНЕ, иста кампања, ист наратив, иста стратегија со иста цел. Граѓаните се тие кои одлучуваат за судбината на политичките партии во државата и ја утврдуваат одговорноста за водењето на државата согласно нивните очекувања, вака лидерот на ДУИ, Али Ахмети одговори на прозивките од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека партијата од власта треба да оди во опозиција.
Според Ахмети, ова не е ништо ново туку веќе виден филм само со различни актери.
Лидерот на ДУИ порачува дека гласот на граѓаните во едно демократско и мултиетничко општество е свет и одлучувачки и тоа мора да го почитуваат сите чија цел да еден ден да преземат одговорност и да ја водат државата.
На прашањето како ја гледа актуелната коалиција СДСМ-ДУИ, Мицкоски во петокот одговори дека 15 пратеници на ДУИ владеат со 40 на СДСМ и тоа е, според него, лошо за државата.
-Правилото победник со победник заврши оној момент откако Али Ахмети одлучи да направи влада со Зоран Заев. Тоа правило е веќе категорија која е во историјата на македонската политика и никој нема ниту морално, ниту суштинско право да го поставува тоа барање, кажа Мицкоски во гостувањето во „Клик плус“.