АХВ: Африканската чума кај свињите не се лекува, но не постои ризик по здравјето на луѓето

од Nikola Popovski
569 прегледи

Африканската чума кај свињите е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кај сите старосни категории кое предизвикува големи економски загуби. Смртноста е 90-100%, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за „Локално“ за болеста која ги коси овој вид на животни во земјите од регионот. Нагласуваат дека Африканската чума кај свињите не се лекува, односно дека не постои лек ниту вакцина.

На прашањето како може да се препознае африканска свинска чума, од АХВ информираат дека периодот за инкубација од 4-7 дена.

Болеста се манифестира со: треска (40.5-42˚Ц), општа слабост, анорексија, летаргија, губење на апетит; црвенило по кожата; исцедок од носот и очите кој може да биде и крвав; сино-виолетово обојување и крварења по кожата во вид на кругови или поголеми површини во пределот на ушите, стомакот и нозете.

Промените на бојата на кожата и крварењата не се забележуваат кај дивите свињи поради нивната темна кожа и влакна. Истото важи за расите на свињи кои имаат потемна кожа.

Исто така болеста се манифестира и преку отежнато движење и оток на зглобовите; некоординирано движењеч повраќање;крвав измет; абортус кај гравидни животни и води до смрт кај животните за 6 до 9 дена или 11 до 15 дена, зависно од вирулентноста на вирусот.

Луѓето не се приемчиви на вирусот и болеста. Болеста не е зооноза, не е опасна за луѓето. Не постои ризик по здравјето на луѓето од вирусот на африканска чума кај свињите, порачуваат од АХВ.

Околу заштитата, од Агенцијата препорачуваат фармерите задолжително да ги почитуваат биосигурносните мерки. Фармите потребно да бидат комплетно заградени, а фармерите потребно да оневозможат контакт на свињите кои ги одгледуваат со диви свињи или со други свињи со непознат здравствен статус, исто така треба  да го спречат влезот на неовластени лица на фарамата.

При влез и излез од секоја фарма да се почитуваат процедури чистење и дезинфекција што практично значи облеката, обувките, опремата пред влез во фармата да бидат чисти и дезинфицирани. По излезот од фармата обувките, облеката и опремата треба да се исчистат, измијат и дезинфицираат. Да не ги хранат свињите со помии  и да ја почитуваат забраната за одгледување на свињите на отворено. Секоја појава на смртност или појава на клинички знаци на заболување задолжителнои да го пријават до докторот по ветеринарна медицина или официјалниот ветеринар. Колењето во домашни услови е одобрено само доколку е под официјален надзор, советуваат од АХВ.

Додаваат дека ловците, концесионерите на ловиштата и националните паркови треба да ги применуваат  биосигурносни мерки на ловиштата за време на ловот и по ловот. Исто така потребно е да се врши пребарување на теренот и секоја пронајдена угината дива свиња и дива свиња која покажува клинички знаци на болест да се пријави до официјален ветеринар.

Ловците треба да ги почитуваат забраните за лов на ловиштата каде болеста е потврдена. Да не вршат прихранување на дивите свињи освен за целите на ловот кога е дозволен. Планинарите, берачите на шумски плодови, лицата кои вршат сеча на дрва не треба небездно да ги фрлаат и одлагаат отпадоците од храна. Фармерите кои одгледуваат свињи не треба да одат на лов, посочуваат од АХВ.

Апелеираат до планинарите, берачите на шумски плодови, лицата кои вршат сеча на дрва, лицат кои се движат во шума доколку забележат угината дива свиња или дива свиња која покажува клинички знаци на заболување веднаш да ја пријават до официјален ветеринар или на беспплатанта телефонска линија 080 000 210.

На прашањето дали и како болеста ќе влијае на продажната цена на свинското месо, од АХВ информираат дека при појава една од мерките за контрола и искоренување на болеста е и забраната и контрола на движење на животните. Тоа практично значи ограничивање на движењето на свињите од одгледувалиштата на свињи – фарми кои се лоцирани во заштитната- инфективната зона од 3 км односно зоната под надзор 10км од жариштето – фармата каде болеста е потврдена.

Ваквите ограничувања на движењето може да доведат до отежанато снабдување со месо. Исто така со цел да се намали ризикот од ширење на болеста месото од закланите свињите  не е дозволено да се пушта во промет како свежо и потребна е термичка обработка. Агенцијата за храна и ветеринарство врз основа на секоја нотификација болеста африканска чума кај свињите во Цветската организација за здравствена заштита на животните, донесува решение за забрана за увоз на свињи, месо и производи од земјата каде болеста е потврдена. Во секој случај појавата на болеста има одредено влијание на цената на свинското месо локално, регионално и на светско ниво, стои во одговорот од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во последните два месеци, одгледувачите на свињи во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина  беа принудени да убијат илјадници свињи поради појавата на африканска свинска чума (АСЧ), а властите преземаат мерки и издвојуваат средства за поддршка на овој сектор. Само во Србија, речиси 18.000 свињи се евтанизирани во фармите каде што е регистрирана АСЧ од почетокот на годинава, објави минатата недела српското Министерство за земјоделство, шумарство и вода. До минатиот петок потврдени се 1.569 случаи на заболени кај домашни свињи во 1.068 стопанства на територијата на 32 општини во 13 региони во Србија.

Н.П.

Слични содржини