Активни повеќе пожари низ Македонија, зафатена пругата кај Драчево

од desk2
236 прегледи

Повеќе пожари се активни во скопско, битолско, Преспа, тетовско, охридско, Македонски Брод, велешко, штипско и кумановско. Главно се зафатени шумски појаси и суви треви, но пожарот кај Фабриката за тури „Типо“ во Драчево ја зафатил и пругата, а оштетени се и пет столба на ЕВН кај Желино, за кој е побарано интервенција на канадерите за гаснење на пожар на Дирекцијата за заштита и спасување.


Во скопскиот регион гори поголема површина нискостеблеста дабова шума и трње, во местото Љуботенски бачила, а пожарот поради ветерот се шири кон местото викано Башинец. Теренот е непристапен и побарано е да дејствуваат авионите на Дирекција за заштита и спасување.

На лице место се упатени припадници на шумско стопанство Караџицa.

Активен пожар има и во близина на фабриката за тули „Типо“ – Драчево кој зафатил и дел од пругата. Побарано е од ЕВН да ја исклучи струјата на таа траса поради интервенција со вода.

Пожарот во атарот на селото Саса во Македонска Каменица што избувна синоќа е локализиран. Како што информира Малин Трајчевски, командирот на ТППЕ од Македонска Каменица пожарникарите од единицата, вработени во рудникот „Саса” и вработени од надлежните институции се уште се на терен, со цел да не дозволат негово проширување кон шумата или кон куќите во маалата на село Саса, кое е од разбиен тип.

-Во гаснењето на огнените јазици утринава беа вклучени и авионите односно „Ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување, откако синоќа од две маала беа евакуирани осум повозрасни жители, додека младото работоспособно население се вклучи во гаснењето на пожарот, истакна Трајчевски.

Во моментов се уште се активни пожарите во близина на беровските села Владимирово и Русиново.

Пожарникарите и од Дирекцијата за заштита и спасување апелираат да не се пали оган на ливадите и во нивите, кој поради ветерот брзо се шири.