Албанија лесно може да стане членка во 2030: „ЕУ има потреба да покаже вистински успех во проширувањето со регионот, иако процесот се движи многу брзо со Украина и Молдавија“

Албанскиот аналитичар Назарко за „Локално“: Колку и да изгледа далечен денот кога Макрон се занимаваше со македонско-бугарските преговори, украинската криза не помага туку напротив го попречува фокусот на европското внимание кон нашиот регион

од Nikola Popovski
313 прегледи

Албанија го отвора последното поглавје од преговорите за членство во Европската Унија, соопшти премиерот Еди Рама по одлуката на амбасадорите на 27-те земји од европскиот блок. Последното поглавје се однесува на земјоделството и кохезијата. Албанскиот премиер потврди дека данското претседателство со ЕУ добило овластување да ја покани Албанија да ја презентира својата преговарачка позиција во врска со последните поглавја. Напредокот на Албанија, која во 2009 година поднесе барање за членство во ЕУ, претходно беше поврзан со Македонија, но се одвои на патот кон Унијата во септември 2024, по одлуката да почне преговори за членство по кластери

Евидентен е големиот успех на Албанија во европскиот пат. За речиси рекордно време од нешто помалку од година дена ги затвори сите претходни поглавја. Според дел од тамошната експертска јавност, официјална Тирана последните поглавја може да ги затвори до крајот на 2026 или 2027 година. Албанскиот новинар и политички аналитичар, Ментор Назарко во разговор за „Локално“ информира дека неговата земја постигнала голем напредок со оглед на темпото на преговори и смета дека тоа се должи на факторите како волјата на самата ЕУ да го забрза темпото, способен преговарачки тим, нејзиниот примерен и успешен напредок во реформата на судството, целосно усогласување со надворешната политика на ЕУ и секако заостанувањето на другите земји од регионот во преговорите – Србија со косовското прашање и надворешна политика неусогласена со ЕУ, Македонија преку проблемите со Бугарија, итн.

-Секако, може да влијае и геополитичка причина – пропуштивме еден интеграциски воз кога постапката беше друга во 1995-1996 година, поради избувнувањето на пирамидалната криза, итн. Во тоа време бевме пред другите во регионот, кои штотуку излегоа од распадот на СРЈ, па дури и сè уште имаше конфликти…

Ментор Назарко

Сега повторно го фативме возот по 30 години, иако можевме да бидеме членки пред Хрватска. Верувам дека и поради потребата што ЕУ ја има да покаже вистински успех во проширувањето со нашиот регион, додека се движи многу брзо со Украина и Молдавија, кои беа зад нас. Ние сме мала земја, лесно интегрирачка, прозападна, со умерено муслиманско мнозинство и национално население распространето низ четири земји во регионот. Во меѓувреме, покажавме висока послушност и одлични организациски вештини за самити на ЕУ, Европската политичка заедница итн, истакнува Назарко.

Запрашан со кои проблеми при преговорите најмногу се соочи Албанија и во кои поглавја, соговорникот тврди дека преговорите се многу сложени, но, нема многу информации за нив, освен процесот честопати изгледа технички.

-Претпоставувам дека може да имаме проблеми во надворешната политика, од страна на Грција или во земјоделството итн. Како што споменав погоре, постои позитивна волја од ЕУ и консензус од главните земји за Албанија како земја надвор од поранешниот југословенски простор и Црна Гора, во рамките на овој поранешен простор, посочува Назарко и оценува дека постојат реални шанси неговата земја да стане официјална членка на европското семејство во 2030 година.

-Мислам дека ако сите горенаведени причини останат валидни – да. Секако, постапката за одобрување од страна на парламентите на земјите-членки исто така има тежина, но да се надеваме дека оваа консензуална волја ќе го одреди темпото на овие одобрувања.

Околу тоа што значи ова за регионот и соседите, пред се Македонија, Косово, Србија и дали тука се става крајот на пропагандите за создавање „големи држави“, соговорникот објаснува дека Албанија завршува процес на модернизација на државата и ги надминува некои од овие држави што можеби се пред неа, на пример на економски план.

-Тоа е од големо значење за нас бидејќи на овој начин нема да бидеме заложници на условите што ги наметнуваат државите што би можеле да нè попречат, како што е Србија. Во меѓувреме, Албанија никогаш не правела пропаганда за создавање големи држави, но нејзините соседи, на нејзина штета, зборувале за опасноста од создавање „Голема Албанија“. Вистината е дека во рамките на Србија или инспирирани од неа, постојат сили и групи, кои работат на „Голема Србија“ па дури има и вистински напори каде што Црквата има своја експанзионистичка улога. Праксата е позната кај нас: обвинувај го другиот за она што самиот го правиш, тврди новинарот и аналитичар.

На прашањето кој е неговиот став за европскиот пат на Македонија, со оглед дека нашата земја е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година и најдолго од сите досега чека на почеток на преговори, Назарко потенцира дека Македонија направи многу во однос на економскиот развој или некои внатрешни реформи, но заостануваше во односите со соседите.

-Мислам дека грчката блокада, по која следеше бугарската, сигурно имаа тежина. Со други зборови, Бугарија можеше да се сети порано за овие причини што ги претстави во последните години. Не сакам да се задржувам на праведноста или не на овие пречки од соседите, но мислам дека на Македонија ѝ е потребен сериозен внатрешен дијалог за правилно решавање на овие пречки. Горд сум што Албанија отсекогаш ја поддржувала вашата земја и продолжува да го прави тоа, иако сега мислам дека дојде време за нова фаза во зближувањето меѓу нашите две земји. Потребен е вистински Договор за пријателство што ќе обезбеди гаранции за статусот на Албанците во рамките на македонската држава и реципрочно за Македонците во Албанија, смета соговорникот од Албанија, набројуваќи ги примерите како отстранување на бариерите за бизнисот или банките на двете земји, инфраструктурна соработка за Коридорот 8 каде што пристаништето Валона треба да го добие значењето што го заслужува, пишување на исти учебници по историја за училиштата од европски автори…

-Албанскиот фактор во Македонија генерално беше конструктивен во пристапот кон интеграција, тврди албанскиот аналитичар и наведува:

-Рековте дека Македонија чекала подолго. Ако ја исклучиме отворената покана до Албанија во 1996 година – во право сте. Сè уште се сеќавам на одлуката на самитот ЕУ+ЈИЕ во Загреб од 2000 година, кога бев советник на претседателот Мејдани, каде што беше одлучено да се отворат преговори со вашата земја. Но, методологијата се промени: Албанија се оддели од пакетот со С. Македонија во 2024 година, па еве нè. Како и да е, се надевам и ви посакувам многу за вашата земја, иако проблемите се сериозни. Не гледам соодветно адресирање одвнатре во земјата и нема внимание како порано за интеграцијата на регионот како целина. Колку и да изгледа далечен денот кога претседателот Емануел Макрон се занимаваше со македонско-бугарските преговори, украинската криза не помага туку напротив го попречува фокусот на европското внимание кон нашиот регион…, заклучува Назарко.

Македонија постојано ја изјавува својата политичка посветеност кон стратешката цел за интеграција во ЕУ и својата амбиција да напредува во преговорите за пристапување, стои во Извештајот, кој додава дека треба да се спроведат суштински реформи поврзани со ЕУ. Земјава одржува добри односи со другите земји-членки опфатени со процесот на проширувањето и продолжи со своето учество во регионалните иницијативи.

Според Преговарачката рамката усвоена во јули 2022 година, Македонија мора да спроведе уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот, заедно со Хрватите, Црногорците, Евреите и другите малцинства како „дел од етничките групи кои живеат во земјата“.

Во заклучоците на Европскиот совет во декември 2023 стои дека – Европската Унија е спремна да ја заврши почетната фаза на преговорите за пристапување со Македонија веднаш штом ќе ја исполни својата обврска да ги заврши уставните промени како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Европскиот совет ја повикува Македонија да го забрза завршувањето на овие промени.

Македонија доби статус на кандидат во декември 2005 година. Пристапните преговори ги отвори во јули 2022 година.

Н.П.