Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити се обрати на настанот ,,Јавно претставување на ЕУ проектот – ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди”.
Општата цел на овој проект, е да се овозможи правна средина за медиумите, промовирајќи слобода на изразување, заштита на правата, како и конкурентност и одржливост на медиумскиот пазар, преку усогласување на законите со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги (ЕУ)2018/1808, друго законодавство на ЕУ и европските стандарди.
Истакнувајќи ја важноста на медиумите во секое демократско општество, министерот Алити ја истакна заложбата за создавање простор каде што, преку политиките и законските решенија, медиумите ќе можат уште повеќе да ја истакнат својата професионалност и ќе творат во согласност со етичките, моралните и професионалните стандарди.
„Медиумските реформи се неопходни, а во таа насока е проектот на Министерството за информатичко општество и администрација во координација со Делегацијата на ЕУ, за усогласување на националното законодавство за медиуми со легислативата на ЕУ и медиумските стандарди. Станува збор за сеопфатен проект кој треба да испорача еден од главните резултати, а тоа е целосно усогласување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018-та“, истакна министерот Алити.
Според него, реформите во медиумскиот простор треба да бидат во континуитет и да не запираат, а процесот постојано да се надградува.
,,Нам како општество ни треба и моќен јавен радиодифузен сервис, кој ќе ја извршува својата основна улога да информира и да едуцира и кој ќе биде ослободен од влијанијата на политичките центри на моќта, ни треба и силен и независен регулатор кој проактивно ќе ја следи состојбата во медиумите. Очекувам за сите овие предизвици да се дискутира, да се предлагаат решенија и идеи во периодот кој следи од сите заинтересирани и засегнати страни”, рече меѓу другото министерот Алити, давајќи поддршка за целокупниот процес.
На настанот воведни обраќања имаа и евроамбасадорот Дејвид Гир, министерката за култура Бисера Стојчевска Костадиновска и Директорот на ААВМУ Зоран Трајчевски.