Зимбери: Албанците се спремни да подадат рака на помирување, моето семејство изгуби 10 членови во 2001

од Nikola Popovski

Ако сме решиле да живееме заедно, ако мислиме да градиме заедничка држава и да бидеме лојални кон неа, треба Македонија да донесе закон за изедначување на правата на двете страни, вели за „Локално“, поранешниот припадник на УЧК и поранешен пратеник, Абедин Зимбери, откако во последните денови во јавноста се постави прашањето околу евентуално законско решение кое ќе ги вклучи сите категории кои настрадаа во вооружениот конфликт во 2001 година.

Зимбери вели дека има подигнато неколку иницијативи, преку разни здруженија и внатрешни и надворешни и на разни тркалезни маси околу обесштетување на цивилните жртви. Обелоденува дека имал и иницијатива за помирување во која како како услов од негова страна било решавање на проблемот со цивилните жртви.

Вели дека неговото семејство е „жртва на агресијата на безбедносните сили кон жителите кој живеа во своите домови и беа жртва на конфликтот“.

-Мојата фамилија изгуби 10 членови, деца и жени цивили. Тие беа во својот дом и не може некој што бил убиен во својот дом да се нарекува терорист, а убиецот кој ги нападнал да е херој. Тука требаше некој да одговара за масакрот кон цивилното население, но тоа не се случи. А и после 22 се години сеуште немаме решено ниедно прашање што би водело до помирување и доверба кон институциите на државата. Се надевам дека граѓаните ќе сфатат еднаш засекогаш дека оваа држава е на сите кој живеат во неа и кон сите треба да има ист третман, бара Зимбери.

Потенцира дека мора да дојде до помирување.

-Кога може еден Македонец од Матејче да прима 300.000 евра за нивата со лозје што му била уништена, а истиот Албанец да не добие ништо за починат цивил, тогаш тука нешто не е во ред. Ако сакаме на младите да им оставиме држава без поделби и омраза, тогаш треба да се затворат некои прашања кои се се уште се вентил за конфликт. Албанците се спремни да подадат рака на помирување и продолжување на животот заедно, јаки, развиени, сплотени меѓусебе и рамо до рамо во патот кон европската заедница. Македонците се уште не се спремни на тоа, се уште политичарите ги манипулират со лажен патриотизам, смета поранешниот член на македонското Собрание.

 

Пред неколку дена во јавноста излезе поранешниот командант на УЧК, Рамиз Алити кој соопшти дека претседателот на Владата и лидерот на ДУИ, Али Ахмети договарале законско решение кое ќе ги вклучи сите категории кои настрадаа во вооружениот конфликт во 2001 година. Според Алити договорот меѓу двајцата лидери на политички партии покрај борците на УЧК вклучувал амнестија и за други категории како лица вклучени во случајот со Куманово, случајот со Порој и други. Тој додава дека пред неколку месеци претседателот на ДУИ го отворил ова прашање со премиерот Ковачевски и со поранешниот генерал Ангелов и изразил подготвеност да се донесе закон бидејќи тоа би било полезно за сите граѓани независно кој на чија страна бил или кого поддржувал во 2001 година.

Поранешниот генерал и лидер на Достоинство, Стојанче Ангелов порача за него е неприфатливо со ист закон да бидат опфатени оние кои ја нападнаа држвата и оние кои ја бранеа. Истакнува дека никогаш нема да дозволат во еден Закон да бидеме израмнети со оние коишто ја нападна државата. Во мај годинава, самиот Ангелов информираше дека поднел иницијатива до Владата за да се донесе одлука за обесштетување на бранителите од 2001 година. Од страна на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е дадена недвосмислена поддршка, но и зелено светло таа да биде сериозно разгледана, рече тогаш поранешниот бранител.

Н.П.

Слични содржини