Денеска не стигнав да бидам пред телевизија на протестот и пуштив вести на МРТВ и сте го ставиле тој малиот Мартин, најмладиот читач на вести, и ништо не видов. Потоа отидов на порталите и видов дека ти се собрал народ Горане и тоа не на МРТВ, туку на тебе и на колегите.
Драг мој Горане, сега ти говорам како уредник затоа што знаеш, секогаш сум ти бил уредник, и сум ти пуштал, враќал, прилози бидејќи знаеше еден ист прилог три пати да го вртиш затоа што беше млад и мрзлив, а кај мене не поминуваше тоа. За А1 зборувам, ти таму дојде млад, лепушкаст и надежен.
Прво како твој уредник сакам да ти кажам дека кога некој ти го напаѓа медиумот, кога има инциденти, на екран се става најискусниот, најстариот уредник и сите се на работа и главниот е до него. А, ти си го ставил намладиот и веројатно некаде на страна си дуваш балончиња од плунка и си викаш „што ли сега, кога ќе се мавнат овие“.
Еве јас ќе ти кажам. Оди си, тргни се! Имам право на тоа затоа што на сите вас таму од прв до последен сум ви бил уредник и на добар дел од вас сум ви ги пишувал прилозите и сум ви кажувал како да дишите пред микрофон, као да стоите пред камера.
Ова воопшто не е несериозна работа. Првиот знак Горане требаше да ти биде кога разговаравме да правам емисија и ти беше среќен што пак ќе работиме заедно, ама ти рекоа дека не смееш да ме земеш на работа зашто сум опасен. Ти сакаше тие не ти дадоа! Тоа беше прв показател каков самостоен главен уредник ќе бидеш , знаеш, се сеќаваш, нели? Од владата ти рекоа дека не може да има емисија, иако, рака на срце, ти сакаше и целиот тим твој, кој уште не беше формиран, но нејсе. Тоа беше знак дека ти нема ништо да решаваш, ама изгледа ти не го сфати тоа.
Е мој Чизмар, веројатно сѐ ова ќе поминеше, и твоето главно уредништво, и можеби ако сѐ беше мирно ќе завршеше и како амбасадор некаде, така оди тоа во МРТВ, ама немаше среќа -друго е времето.
Сега се решава дали си за Македонија или си против. Дали си за професијата или си против. Просто е. А и „ јака штикла“ во денешното новинарство да бидеш Главен уредник. Ти кажувам како твој уредник- оди си! Ова е нешто повеќе од евтина манипулација на премолчување на информации, ова е многу повеќе од дебаланс. Не палат финтите пушти 30 секунди за едните, 30 за другите, на опозицијата за ланскиот снег, а на власта вработувања и инвестиции. Не поминува веќе тоа. Или премини на новинарската страна и информирај како што е редот или повлечи се. Никој не те брка, ако можеш бори се, а ако не можеш- тргни се. Тоа го зборувам за сите вас таму, драги колеги, со кои сум работел. Информирајте како што си треба, во име на јавноста и граѓаните. Вие можете да се спротиставите затоа што вие не сте Ѕинго и Стојменов, вас ве плаќа народот, а тие прават пари и богатство со телевизиите. МРТВ е јавен сервис и или работете го тоа или тргнете се.
Ок е, знам секакви ситуации во МРТВ, па јас почнав таму, таму во радиото кое сега е исто замолкнато, таму мене ме научија на основите и стандардите на професионалното новинарство.Секогаш имало притисоци ама и борба и пркос. Со плурализмот таму имаше и 8-ми кат кој го викаа „Стенковец“ и таму тргаа цели новинарски екипи кои не се согласуваа со уредувачката политика, ама не мораа ниту да лажат ниту да пушат. Вие имате избор, ти кажувам и ви кажувам како уредник кој почнал токму од МРТВ, и ви кажувам на сите вас како уредник ваш и од А1 и од Канал 5 и од Сител.
Не оди така тоа, и одговорност мора да има. А, што ако тргне народот на телевизијата да влегува по секоја цена. А, што ако загинат луѓе во тоа барање на правдата, принципите и вистината. Што тогаш? Тогаш знам дека ќе си дадете оставки, ама тогаш ќе биде доцна.
Едноставно е, сите вие знаете, а и ние знаеме, како се прави ТВ дневник. Да не сакаш од утре да ти правиме дневник под шатор пред МРТВ и да ти покажеме ние постарите како се прави тоа? Ти зборувам како твој уредник и знам дека нема што да се лутиш. Или поправи се или оди си и немој, да те лажат овие од власта, дека они знаат сѐ, затоа што и тие не се свесни дека не знаат. The game is over, играта заврши, нема веќе враќање назад. Тие може ќе бараат жртви како што секогаш им требале за да опстојуваат на власт, а нам новинарите ни треба достоинство, верба и ни треба професијата, се разбира, во пакет со граѓаните и вистината. И да не заборавиш ни треба Македонија за нашите деца за иднината.
Денеска напред беа жените, а што ако утре застанеме ние новинарите и уредниците и нам ли ќе ни забраните да влеземе? Готово е !
Искрено вашиот уредник,
Драган Антоновски
