Премиерот Зоран Заев смета дека има едно незадоволство на потценување на Алтернатива во коалицијата Алијанса/Алтернатива и според него, тоа веројатно си има свои корења од парламентарните избори.
-Се рефлектираше во распределбата на одговорните со кандидати и советници меѓу Алијанса и Алтернатива еден дел, затоа се добиваат ваквите пораки кои доаѓаат од Алтернатива. Сепак ова се гласини, кои јас како претседател на најголемата политичка партија ги анализирам, рече Заев за емисијата „Клик плус“.
Во емисијата, претседателот на СДСМ се осврна и на законските измени со кои се зголемува децентрализацијата што значи повеќе пари и повеќе ингеренции на општините и Градот Скопје.
-Новината е дека сега имаме и институционална и фискална децентрализација. Фискалната децентрализација оди со зголемените приходи од персонален данок, и тие се зголемени двојно, од три на шест отсто, дотациите од ДВВ од 4,5 на шест отсто. Тоа се милијарди денари, една милијарда денари или 16 милиони евра, што одат на Градот Скопје, на општините и истите се распределуваат по глава на жител прво, по територија на општината и по вкупен број на населени места. Целиот пакет на Законот има одредени услови. Дотациите ќе пораснат на 6%, но наместо 4.5 отсто само 4 отсто ќе им бидат гарантирани на општините, останатите две има да ги заслужат. Ако ја растат администрацијата без аргументација само заради новите надлежности, ќе губат пари. Ако ги зголемуваат капиталните инвестиции ќе добиваат пари. Ако ефикасноста во реализација на буџетите им биде потврдена општината ќе добива награда не само за следната година туку и низ кварталите внатре, со тоа општините ќе бидат мотивирани и буквално насочени да служат на граѓаните и да бидат сервис, посочи Заев.