Опозициската Алтернатива денеска реагира на вчерашното соопштение на ДУИ, кое беше упатено кон ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. Како што велат од партијата на Африм Гаши, „ДУИ свесно или несвесно и јавно застана зад поранешниот премиер Никола Груевски во чија Влада служеа 8 години“.
-Клучната дилема е, што зорт има раководството на ДУИ чим почна јавно да се додворува на поранешни политичари кои се на црната листа на САД? Дали спасот го очекуваат од Будимпешта? Точно ли е дека раководството на ДУИ е во редовна комуникација со Никола Груевски? Инаку, АлтернАтивА сака да им порача на ДУИ да излезат од филмот дека имаат монопол врз албанскиот електорат, велат од партијата која до неодамна беше дел од владеачкото мнозинство.
Додаваат дека „залуден им е стравот дека евентуална широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги однесе во опозиција“.
-Мнозинството гласачи Албанци на следните избори кога и да се случат ќе ги испратат во опозиција заради криминалот, корупцијата и целосното одлепување од реалноста. Ги охрабруваме да продолжат да ги ставаат интересите на Албанците во втор план заради личните интереси на неколкумина во врвот на ДУИ, истакнаа од Алтернатива.
ДУИ вчера излезе со соопштение во кое порача дека „соочен со драстичен пад на рејтингот и недоверба на повеќе од една третина од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ кон него, како и четири пати помал рејтинг од азилантот Никола Груевски, Христијан Мицкоски се обидува со патетичен национализам, надминат повеќе од две децении, да опстанат на политичката сцена“.
-Затоа, Мицкоски и по 5 години е во сенка на Груевски и падна под 320.000 гласови на парламентарните избори, што се одразува и на внатрепартиските рејтинзи каде мнозинството членови на ВМРО-ДПМНЕ го сметаат Никола Груевски, а не Христијан Мицкоски, за лидер, додаваат од партијата од Мала Речица.