По притисокот од Вашингтон, американската финансиска компанија Блек Рок наводно треба да ја преземе контролата врз двете клучни пристаништа во Панамскиот канал. Корпорацијата со седиште во Хонг Конг го продава најголемиот дел од својот пристанишен удел на конзорциум предводен од Блек Рок.
Како дел од договорот, компанијата Панама Портс, која управува со пристаништата Балбоа и Кристобал на влезовите на Панамскиот канал, исто така ќе ја промени сопственоста. Ваквите промени доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп се произнесе со став дека е преголемо влијанието на Кина врз Панамскиот канал, наведувајќи дека САД мора да го вратат водниот пат под своја контрола.
Панамскиот канал е изграден од Соединетите држави на почетокот на 20 век, но суверенитетот над зоната на каналот беше целосно вратен на Панама кон крајот на 1999 година.