Американската тајна служба го испрашувала Џејмс Коми, поранешниот директор на ФБИ, откако тој сподели, а потоа избриша објава на социјалните мрежи за која републиканците тврдат дека поттикнувала насилство против американскиот претседател Доналд Трамп.
Коми одговори на судската покана за едночасовно испрашување и не беше приведен. Сослушувањето се одржа откако тој објави фотографија на Инстаграм со натпис „8647“ со школки.
Во англискиот сленг, 86 значи да се отфрли, „да се ослободи од“ и неодамна се користи како маркер за убивање. Покрај тоа, Трамп е 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави. Кратко пред објавата на Коми, Трамп во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека Коми, кого го отпушти од функцијата директор на ФБИ во 2017 година, повикал на негово убиство.
„Тој точно знаеше што значи тоа, дете знае што значи тоа. Ако сте директор на ФБИ и не знаете што значи тоа, тоа значи атентат. Тоа е јасно и гласно“, истакна Трамп, кој преживеа два обиди за атентат минатата година.
Тој рече дека одлуката за покренување обвинение против Коми ќе биде донесена од главниот обвинител Пам Бонди. Објавата на Коми на Инстаграм предизвика реакции од поддржувачите на Трамп. Откако ја избриша, тој на гореспоменатата социјална мрежа нагласи дека ги видел школките додека шетал по плажата и дека претпоставил дека станува збор за политичка порака.
„Не знаев дека некои луѓе ги поврзуваат тие бројки со насилство. Тоа не ми падна на памет. Јас сум против секакво насилство, па затоа ја избришав фотографијата“, напиша тој.
Министерката за внатрешни работи на САД, Кристи Ноем, синоќа на „X“ објави дека Тајната служба го испрашувала „посрамениот поранешен директор на ФБИ во врска со објава на социјалните мрежи во која се повикува на атентат врз претседателот Трамп“. Таа, исто така, истакна дека истрагата е во тек.
Директорката на Националното разузнавање, Тулси Габард, побара Коми да биде приведен поради „наредување напад“ врз Трамп додека бил во посета на Блискиот Исток, објави Би-Би-Си.