Претставници на американската влада и основачот на Викиликс, Џулијан Асанж се појавија денес на судот во Лондон под силни мерки на обезбедување, една деценија откако Викиликс објави многубројни тајни американски воени документи, јавува АП.
Сослушувањето за екстрадицијата почна со изјаснување на адвокатите на САД, кои го сомничат Асанж за шпионажа, за што му се заканува 175 години затвор.
Адвокатот кој го застапува САД во обраќањето изјавил дека Асанж загрозил животи на луѓе во Иран, Ирак и Авганистан.
Симпатизерите на Асанж пред судот извикувале „ослободете го Асанж“, а судијката Ванеса Бараитсер соопштила дека ќе се отстранат сите кои ќе го попречуваат рочиштето.
Американскиот адвокат Џејмс Луис истакнал дека Асанж треба да биде предаден на САД за да му се суди заради хакирање и ширење информации кои загрозиле животи на новинари, дисиденти и други во Иран, Ирак и Авганистан.
Луис се обидел да разјасни дека екстрадиција на Асанж не бара затоа што тој ја посрамотил Америка, туку затоа што ги прекршил законите и загрозил животи.
Стотина луѓе ширум светот требало да се предупредат по објавувањето на Викиликс, а некои морало да бидат преселени од сопствените земји, додал Луис.
„Некои извори кои ги идентификувал Викиликс подоцна исчезнале“, изјавил Луис.
Адвокатката на Асанж Џенифер Робинсон изјавила дека овој случај може да доведе до криминализација на клучните активности за истражувачките новинари. Вели дека неговата работа разоткрила како Американците ја воделе војната во Ирак и Авганистан.
„Збориме за колатерални убиства, докази за воени злосторства. Тоа е исклучителен извор за сите нас кои бараме владата да одговара“, рекла Робинсон.
Доколку судот се сложи Асанж да биде екстрадиран, последен збор ќе има британската влада.