Американски командоси се на терен во Израел, работат рамо до рамо со армијата

од Stefanija Kuzmanovska

Американските командоси на теренот во Израел помагаат да се лоцираат повеќе од 200 заложници, кои беа киднапирани од членови на Хамас од Појасот Газа за време на прекуграничен напад на 7 октомври, изјави американскиот помошник секретар за одбрана Кристофер Мајер.

„Ние активно им помагаме на Израелците да направат голем број работи“, рече Мајер на конференција во Вашингтон, пренесе „Њујорк тајмс“.

Тој најави дека главната задача на американските специјални сили е да му помогнат на Израел „да ги идентификува заложниците, вклучително и оние кои се државјани на САД“.

Мајер одби да каже колку американски сили за специјални операции моментално се во Израел.

Други американски функционери изјавија за „Њујорк тајмс“ дека американското министерство за одбрана испратило неколку десетици командоси во последниве денови, покрај малиот тим кој беше во Израел на 7 октомври и ја спроведуваше претходно закажаната обука. Официјалните лица, кои сакале да останат анонимни, навеле дека командосите ќе им се придружат на членовите на ФБИ, Стејт департментот и другите владини експерти на САД во ослободувањето на заложниците, во консултација со нивните израелски колеги.

На американските сили за специјални операции не им се доделени никакви борбени улоги во Израел, но се консултираат со израелските колеги „за сложените задачи кои претстојат“ во Појасот Газа, рече Мајер.

Во разговорите со неговиот израелски колега, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја истакна потребата од внимателно разгледување на тоа како израелските сили спроведуваат копнени операции во Појасот Газа, каде Хамас има комплексна мрежа на тунели под густо населените области.

„Ќе работиме со нив колку што е можно повеќе за да им помогнеме да ги советуваме за тие видови активности“, рече Мајер.

Неколку западни земји тајно донесоа мали тимови на нивните специјални сили поблиску до Израел за да помогнат во каква било потенцијална спасувачка операција и да бидат во близина во случај на голема евакуација на нивните граѓани од Израел или Либан, наведе „Њујорк тајмс“.

Слични содржини