Американскиот Секретар за одбрана: Сојузништвото со С. Македонија високо се цени и е од исклучително значење за САД

од Vladimir Zorba

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска оствари средба со американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин III.

Средбата поминала во исклучително пријателска атмосфера при што министерката го запозна министерот за одбрана на САД со тековните процеси во одбранбената сфера и ги истакна позициите на Северна Македонија во геополитичките процеси во регионот.

Потенцирајќи го успехот постигнат со членството на Северна Македонија во НАТО, министерката посочила дека истиот се должи на решителната политика, храбрите одлуки, но и на големата посветеност и работа во одбраната кои, во изминативе 30 години, носат и силен американски белег.

„САД во целиот период од нашата независност беа и останаа наши најсилни поддржувачи и стратешки партнери”, рече таа.

Изразувајќи задоволство од средбата, секретарот за одбрана Остин истакнал дека сојузништвото со Северна Македонија високо се цени и е од исклучително значење за САД. Тој се заблагодарил за долгогодишното партнерство и соработка во одбраната и нагласил дека тоа ќе продолжи да се развива со уште посилен интензитет.

Министерката се осврнала и на процесот на евроинтеграцијата и оценила дека застојот не оди во прилог на заложбите за стабилен Западен Балкан.

„Застојот во евроинтеграцијата на Северна Македонија ја поткопува довербата во европските вредности и во храбрите одлуки што ги направивме како држава за да ги отстраниме препреките на тој пат. Сметам дека силен и координиран европски и американски ангажман би довел до позитивно придвижување и надминување на статус-кво во процесот, со што ќе се врати довербата во него и ќе се оневозможат влијанијата од трети страни”, рекла Шекеринска.

Министерката во Пентагон се сретнала и со Колин Кал, потсекретар за политички прашања. На средбата станало збор за состојбата во Авганистан, новите предизвици во сајбер безбедноста, блокадата на преговарачкиот процес со ЕУ и заедничкото развивање на Криволак како НАТО полигон за армиски вежби.

Слични содржини