Андева: СДСМ вложува во квалитетно образование, обновени 55 училишта

од Stefanija Kuzmanovska
246 прегледи

Дозволете ми во мое лично име и во име на Комисијата за образование на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, да посакам среќен почеток на сите наставници и ученици во основните и средните училишта со желби за мирна, успешна и плодна нова учебна година. Први септември секогаш симболизира нов почеток, нови предизвици и нови перспективи за сите чинители во образовниот процес, изјави денеска на прес-конференција Марина Андева, претседателка на Комисија за образование на СДСМ.

„Сите ние се наоѓаме пред многу предизвици оваа учебна година! Ако пред некоја година се соочувавме со пандемија и се изборивме учениците да не останат без образование кое е гарантирано со закон, оваа учебна година сме мета на разните дезинформации и шпекулации, изјави и пораки кои јасно го отсликуваат елементарното непознавање на образовниот процес со кои се шири страв кај сите наставници, а и родители. Овие критики се со единствена цел да се создаде хаотична и безизлезна состојба и сето тоа на сметка на нашата иднина – нашите ученици.

Затоа, вие, просветните работници, одговорно, како што е и одговорна вашата благородна професија која се стекнува со труд, љубов кон знаењето, љубов кон младите и децата, овозможете им на нашите деца мирна и плодна средина за учење. Да создадеме здрави и општествено изградени личности, затоа што тие се нашата иднина, иднината на нашата држава. Влогот во учениците е влог за светла иднина на сите. Важно е, децата да одат во училиште за да стекнат соодветно образование во чекор со европските вредности, и да создадеме квалитетни кадри квалификувани за пазарот на трудот. Еднакво важно е да ги научат и основните животни, морални и етички вредности неопходни за секојдневното функционирање. На учениците им треба образование кое ќе им помогне целосно да го искористат својот потенцијал и да ги зголемат можностите да станат среќни, здрави, успешни и корисни – чинители на општествениот развој и промени кои ќе се случуваат чекорејќи кон европската иднина.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во своето делување се залага за вложување во децата и младите, бидејќи тоа е вложување во иднината. Во време полно со предизвици од сите страни, образованието треба да биде алатка која ќе ги надмине.

Оваа учебна година учениците и наставниците во 55 училишта ќе ја започнат новата учебна година со значително подобрени услови за настава. Се инвестираат над 4,5 милиони евра обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука, за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти. Поставени се енергетски ефикасни фасади и еколошки системи за греење во училиштата со што училиштата веќе нема да стравуваат од студени зими.

Учениците и оваа учебна година од одделенска настава ќе продолжат да работа со тандем наставници по физичко и здравствено образование со што е овозможено правилен раст и развој од најмала возраст. Се овозможува ученичко организирање во рамки на училиштата со цел да се слушне мислењето и потребата на учениците. Се обезбедува редовна исплата и поголем број и повисоки ученички стипендии. Децата со попреченост се вклучени во редовната настава повеќе години со образовни асистенти во училиштата. Со укинување на екстерното тестирање, ги ослободивме учениците и наставниците од стресни ситуации.

На наставниците со закон им е овозможено кариерно напредување во звања и зголемување на коефициентот за плати, а со тоа е обезбедено квалитетно менторирање на новите наставници-приправници. Наставниците во основните и средните училишта веќе применуваат модерни и современи нагледни/наставни средства и информатичка технологија со кои успешно можат да го пренесат знаењето на новите генерации. Се намали педагошката администрација и со тоа овозможивме повеќе време на наставниците за креирање на успешни наставни часови. Се зголеми платата на наставниците за 55 % во периодот од формирање на Владата на СДСМ. Наставниците кои се опфатени со новата Концепција ќе имаат месечни примања во висина на цела плата, а покрај задолжителните наставни часови ќе имаат можност својата креативност, компетенции и вештини да ги пренесат на учениците преку воннаставни и слободни часови.

Во средното стручно образование со новите програми и Учење преку работа кај работодавач овозможивме стекнување на работни односно практични компетенции на учениците. Владата предводена од СДСМ формира три регионални центри за стручно образование и обука каде учениците односно граѓаните покрај формалното образование, ќе можат да се доквалификуваат и преквалификуваат.

Владата предводена од СДСМ и коалицијата и понатаму ќе се грижи за квалитетно образование кое ќе ги следи актуелните состојби, и ќе биде во тренд со општествените промени, кои ја наметнуваат примената на дигитализацијата во секојдневниот живот. Ќе нуди соодветни решенија за обезбедување на образование што ќе изгради личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, ќе се воспитуваат и образуваат во духот на мултикултурализмот и ќе се оспособат за позитивен одговор на побарувачката на пазарот на труд. Ќе се работи во иднина на предизвиците и ќе се наоѓаат решенија за надминување на тековните проблеми во образовниот процес, за што истакнуваме дека е потребна соработка со сите засегнати страни.

Среќна и успешна учебна 2023 – 2024 година почитувани наставници, ученици, родители“, порача Андева.

Слични содржини