Акцијата на САД во Венецуела не е преседан во постапките на САД кога се работи за односот кон режимите во Централна и Јужна Америка. Историски гледано имаме многу такви состојби во минатото и истите се во согласност со националните интереси на САД во кои интереси е вклучена и борбата против нарко картелите. Прашање е во кој обем ќе продолжат дејствијата на САД во Венецуела, односно колку самата Венецуела ќе се вклучи во борбата против картелите, вели во анализа за „Локално“, Оливер Андонов, универзитетски професор на Воената академија за дејствувањето на САД и соборениот венецуелски лидер, Николас Мадуро.
Тоа што за оваа конкретна војна операција немаше одобрение на Советот за Безбедност на ООН, додава професорот, не е изненадување пред се затоа што согласно Стратегијата за Национална Безбедност на американскиот претседател, Доналд Трамп во основа ја имаме доктрината Монро, но онаа што е уште поважно, како што вели, Трамп го предизвикува досегашниот меѓународен поредок, особено во однос на контролата над западната хемисфера.
-Тоа што е особено интересно од воен аспект е дека САД покажаа дека се воено исклучително подготвени, дека знаат точно да ги дефинираат целите и истите брзо и ефикасно да ги остварат. Токму тука е разликата во однос на Русија и Кина. Русија и Путин се обидоа да го предизвикаат меѓународниот поредок, но не успеаа покажувајќи слабост. Оттука, сметам дека не можеме да очекуваме слични акции од Русија или Кина, додека пак за Северна Кореја и Србија не станува ниту збор. Тоа што во иднина може да се очекува е повторна демонстрација на сила и предизвикување на меѓународниот поредок од страна на Трамп, оценува Андонов.
Соговорникот се согласува дека од меѓународно правен аспект, акцијата за фаќање на Мадруи претставува прекршување на меѓународното право и е акт на агресија. Впрочем, потенцира професорот, според дефиницијата на агресија токму напад врз територијата на една земја е акт на агресија.
Споед Андонов, во конкретниот случај постојат докази за вмешаност на властите на Венецуела во трговијата со дрога.
-Етички и според националните интереси за безбедност секоја држава има право да се бори против изворите на загрозување, но, од друга страна агресијата е прекршување на меѓународното право. Во нормални состојби против недемократска и криминална власт би требало да се активираат механизмите на ООН, но, во светот каков што го гледаме во моментот тоа е невозможно. Пред се тука се работи за судир помеѓу големите сили на територија на трети мали држави што не е ништо ново и веќе е видено, а потоа се работи за предизвукување на постојниот меѓународен поредок што претставува поголем проблем, посебно за малите земји надвор од големи воено-политички и политичко-економски сојузи, објаснува експертот.
Несомнено мислењата за оправдување на агресијата врз Венецуела ќе бидат длабоко поделени, како што беа и се во однос на руската агресија врз Украина. Но, обидот за преземање на Гренланд, анализира Андонов, ќе биде директен воен удар врз ЕУ бидејќи Гренланд е територија на Данска, а таа е членка на ЕУ и на НАТО со што ќе дојде до апсурд во рамките на НАТО.
-Секако ова е само претпоставка, но и невозможност која би довела до потполно уништување на меѓународниот поредок, таков каков што го знаеме.
Тоа пак, ќе поттикне создавање на нов поредок во кој и ние како Македонија ќе треба да си го најдеме местото за да преживееме, а тоа место е во ЕУ, укажува професорот и додава:
-Путин нема сили за да оствари решавачка стратешка предност во Украина и да ја заврши војната. Тој нема јасни воени цели, а се покажа и дека нема ниту способна армија, при што Украинците покажаа извонредна издржливост. Така што Путин нема да тргне на „остатокот“ од Украина, туку ќе се обиде да се зацврсти на добиените територии и да предизвикува проблеми во Европа, водејќи силна хибридна војна на сите полиња. Второ, Зеленски не е Мадуро, а и Украина не е Венецуела.
За поддршката на македонските власти за американската акција во Венецуела, Андонов објаснува дека тоа што го прави Владата и МНР, како што вели , е глупав ПР. Соговорникот смета дека најпрво треба да се виде воздржан, бидејќи од нас и така ништо не зависи. Но и покрај тоа што САД се наш стратешки партнер, ние мора да тежнееме кон ЕУ бидејќи ЕУ е реалноста за Македонија и под заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ ние ќе можеме да изградиме соодветен став, додава професорот, дополнувајќи дека прашањето за став на Македонија кон Венецуела и нападот од страна на САД е најмал проблем.
-Проблем ќе биде доколку дојде до напад врз Гренланд. И повторно ќе напоменам, ова е директно предизвикување на постојниот меѓународен поредок од страна на Трамп, на што ќе се обидат да се закачат Русија и Кина. Но главниот проблем ќе се појави доколку Трамп ја предизвика ЕУ. Тоа ќе биде сериозен проблем за македонската политика и меѓународна позиција.
Веќе еднаш реков дека партнерствата се прават со држави а не со личности, но и географијата е неумолива, а Македонија е во Европа. Е сега тоа што Мицкоски ја напаѓа Европа е резултат на неговата задача која ја исполнува за туѓи цели, а при тоа наредбодавецот не е САД. Влегувањето во конфронтација со ЕУ не е добро за Македонија – како што реков, географијата е неумолива а со неа и центрите на моќ кои влијаат врз регионот и Македонија, заклучува Андонов.

Фото: Фејсбук
Соборениот венецуелски лидер се изјасни за невин пред судот во Менхетен по обвиненијата за наркотероризам, корупција и трговија со оружје. Одбраната ја стави под прашање законитоста на начинот на кој поранешниот претседател беше приведен и префрлен во САД. Администрацијата на Трамп објави дека речиси 200 луѓе учествувале во нападот врз Каракас, што резултираше со заробување на Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес.
„Горд сум на нашата многу успешна воена операција, мислам дека треба да зборуваме повеќе за вештината, компетентноста и прецизноста на најголемата борбена сила што светот некогаш ја видел“, изјави Пит Хегсет, американски секретар за војна.
Случувањата во Јужна Америка предизвикаа остри реакции и поделби во меѓународната заедница. Во поголемите градови во светот избувнаа протести против политиките на САД. Лидерот на демократите во Сенатот предупреди дека акцијата на претседателот Трамп во Венецуела е само почеток на опасен пристап кон надворешната политика.
„Администрацијата им должи на Конгресот и на американскиот народ некои прилично основни одговори на многу важни прашања. Најважно од се, што по ѓаволите мисли Доналд Трамп кога вели дека Соединетите Држави сега имаат намера да ја водат Венецуела? Дали ова значи дека сега сме во бизнисот со градење на нацијата на Венецуела?“, вели сенаторот Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот.
Во Каракас, Делси Родригез, положи заклетва како привремена претседателка на Венецуела.
„Се колнам во мојата чест дека нема да им дадам одмор на моите раце, ниту пак на мојата душа се додека не ја видам Венецуела во судбината што и доликува, на историскиот пиедестал на честа што ја заслужува како слободна, суверена и независна нација“, изјави привремената претседателка на Венецуела.
Колумбија распореди војска на границата. Куба живее во неизвесност откако островот го загуби својот најблизок сојузник.
Н.П.